| четврток, 6 декември 2018 |

Дали славниот нобеловец Пабло Неруда бил убиен?

Судот нареди ексхумација на телото на Неруда поради сомневање дека бил отруен

pablo_neruda5

Чилеанскиот суд нареди ексхумација на посмртните останки на нобеловецот Пабло Неруда поради сомневање дека починал од труење, а не од рак на простата како што со години се веруваше. Истакнатиот левичар и комунист Пабло Неруда почина во 1973 година на 69-годишна возраст, само 12 дена по војниот преврат во кој Августо Пиноче го замени дотогашниот социјалистички претседател Салвадор Аљенде, кој бил голем пријател на Неруда.

Чилеанската влада во 2011 година покрена истрага врз основа на изјава на личниот возач на Неруда, Мануел Араја Осорија, кој тврди дека во 1973 година примил повик од болницата во која се лечел Неруда. Араја тврди дека писателот побарал итно да дојде бидејќи лекарот му дал инекција додека спиел, сугерирајќи дека можеби е отруен, а повикот наводно го примила и сопругата на Неруда, Матилде Урутиа.

Фондацијата која се грижи за наследството на Неруда наведува дека е запознаена со намерата на чилеанските власти за ексхумација на телото на писателот, но и натаму тврдат дека се убедени дека смртта на Неруда е последица на тешката болест. Сепак, велат дека се надеваат дека ваквиот чин на власта ќе ги расчисти сите сомнежи кои досега постоеја во јавноста. Пабло Неруда е закопан покрај својата сопруга на „Исла Негра“, место што се наоѓа на 120 километри западно од Сантијаго. Точниот датум на ексхумацијата сеуште не е познат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top