| четврток, 6 декември 2018 |

Наум Буревски: Не сме го прашале Црвенковски дали сака да се врати

Потписникот на отвореното писмо во кое се бара оставка од лидерот на СДСМ, Наум Буревски, за „Либертас“ вели дека тој и уште 10 члена на Иницијативниот одбор инсистираат на повлекување на Заев поради лошите изборни резултати потенцирајќи дека лично немале ништо против Заев.

– Јас сум пензионер, функции не ми требаат, но сум основач на СДСМ, тоа е народна партија, државотворна и не смее никој да си игра со неа – вели Буревски.

Иницијативниот одбор се формирал уште со отпорот и тогаш, според него, броел 13 члена. Двајца од нив, според Буревски, Заев ги поставил во органите на партијата и сега биле 11 члена.

На нашето прашање зошто не се потпишале јавно сите, Буревски тврди дека и тие го поддржуваат неговиот став и досега не чул дека се оградуваат. Тврди дека бившиот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров, не е член на оваа иницијатива и не е покрената на негова идеја. Одборот за смена на Заев немал свој предлог кој би застанал на чело на партијата ако се повлече Заев. Потврдува дека одамна немале средба со Црвенковски и се согласува дека бившиот лидер воопшто не размислува ниту пак поттикнува промени во раководството на партијата.

– Ние имаме забелешки што Заев и Шекеринска на своја рака го проширија ЦО на партијата, направија промени кои се надвор од статутот и наместо да ја застанат на нозе, тие со изборните резултати ја урнисуваат – вели Буревски. Тој има забелешка и на одлуката за прогласување на изборите за нелегитимни која според него ја донеле уште вечерта сами Заев, Шеќеринска и Роберт Поповски.

Ќе побараме широка расправа по месните комитети, да анализираме како да ја кренеме партијата, а за лидер ќе размислуваме низ тие дебати – изјави за „Либертас“ председателот на Иницијативниот одбор за смена на Заев. Засега ни тој не ги открива имињата на другите 10 члена, но вели дека го поддржувале.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top