Членовите на ова големо семејство не биле само успешни трговци, туку и познати интелектуалци, политичари и дејци што се вклучиле во македонската преродба. За нивната финансиска моќ се говорело надалеку, а некои ги сметале за македонско кнежевско семејство кат т.н. „ширван“. Во долниот дел се наоѓаат изложени епиграфски споменици од Охрид и од околината, како и вредните експонати: „Миљоказ“, пронајден на патот Виа Игнација, двете торза на божицата Изида и др.
Археолошките експонати датирани од праисторијата до средновековниот период се изложени и на вториот и на третиот кат. Во ширванот од куќата, која плени со својата надворешност, но и внатрешност, се презентирани примероци на предмети изработени во охридска резба, дела на познати мајстори од градот и од околината.
Во источниот дел од катот може да се види и етнолошката поставка на предмети од покуќнината на семејството Робевци, како ковчези, родослов, зачувана фреска од Дичо Зограф од 1862 година, лекарската торба на Константин Робев и др.
Името на познатото семејство Робевци со потекло од Охрид за првпат се споменува во 1379 година на една надгробна плоча пишувана со црковнословенско писмо во дворното место на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“). Градењето на првобитната куќа на Робевци било завршено на 15 април 1827 година, а за тоа зборува натписот со грчко писмо на една мермерна плоча што се наоѓа вградена во магазата (магацинот) на дворното место.

Атанас Робе со сопругата
Ова познато охридско трговско семејство во куќата живеело 35 години, поточно до 1861-1862 година, кога познатиот злосторник од Охрид, Устреф-бег ја запалил до темел. Две години подоцна, во 1863 – 1864 година била изградена денешната куќа и тоа во левата половина живеел Константин Робе, а во десната Атанас Робе. Како главен градител бил ангажиран Тодор Петков од селото Гари, кој потекнувал од познатиот копаничарско-резбарски род Огненовци. Под негово раководство бил изработен и внатрешниот ентериер – таваните, долапите и другите украсни елементи што биле направени од резба. Во вака изградената куќа семејството Робевци живеело сѐ до 1900 година кога се преселиле во Битола, а во Охрид доаѓале само во летните месеци.
Од 1913 година до 1919 година во време на Балканската војна и на Првата светска војна во оваа куќа биле сместени српски војници, а по нивното заминување куќата била значително оштетена, а дел од резбите биле однесени во Ниш, Србија. По Втората светска војна, во 1945 година, куќата е заштитена како културно-историски споменик.

Во 1950 година во неа е сместен Народниот музеј на Охрид, а во 1953 година зградата е национализирана и предадена на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј на трајно користење. Последната реконструкција на ова прекрасно здание е извршена во 1990 година, а таа е повторно отворена како музеј, и тоа еден дел со презентација на археолошкото богатство, еден дел како спомен-кат за семејството Робевци, а најгорниот кат – ширванот добилфункција на охридска резиденција.

Охридското семејство Робевци во времето на Османлиското Царство имало свои трговски претставништва во Виена, Москва, Одеса, Трст, Лајпциг, Атина, Белград, Софија и во други европски центри. За да тргува по светот султаните му издавале привилегирани берати со кои им гарантирале заштита, но истовремено од нив барале чесен однос кон рајата. За нивната финансиска моќ се говорело надалеку, а некои ги сметале за македонско кнежевско семејство. Членовите на ова голема фамилија не биле само успешни трговци, туку и познати интелектуалци, политичари и дејци, кои се вклучиле во македонската преродба. Најистакнати меѓу нив биле д-р Константин Робев, кој докторирал медицина во Виена, и Димитар А. Робев, пратеник во првиот парламент на Османлиското Царство.
Семејството Робевци е едно од ретките македонски семејства за кои се наоѓаат податоци уште од 17 век, а кое во 19 век достигнува особено висок степен на економска моќ меѓу сите други граѓански семејства во Македонија, па и на пошироката територија на Балканскиот Полуостров. Тоа дава неколку еминентни интелектуалци и на извесен начин во 19 век ја одразува и нашата преродбенска борба за своја национална црква, употреба на свој јазик и свои училишта, па дури и за создавање автономна македонска држава. Ширејќи ја трговијата Робевци првото претставништво го отвориле во Битола.
Додека Анастас – Тасе останал да ги води работите во централата во Охрид, Ангеле во 1852 година заминал со семејството во Битола за да се грижи за тамошното претставништво. Таму починал и таму е погребан. Така едната половина од Робевци и натаму останала во Охрид, а другата се иселила во Битола. Трговијата што во тоа време ја развиле двајцата браќа во Османлиската Империја и надвор од неа им овозможила синовите и внуците да ги школуваат и некои од нив да ги испраќаат во реномирани европски универзитети. Константин е, всушност, еден од најпознатите членови на семејството. Тој заедно со македонскиот преродбеник Димитар Миладинов завршил гимназија во Јанина.
„Зачуваните писма од Димитар Миладинов до него откриваат повеќе ангажирања на Константин Робев како во поглед на помагање за млади Македончиња да заминат за оформување на своето образование во Русија, така и во поглед на отстранување на омразениот Грк Мелетија – владиката од Охрид, и неговото заменување со владика од словенско потекло“, пишува Герасимов претставувајќи ја огромната библиотека на книги и списанија што своевремено ги собирал познатиот лекар.
– Во Народната библиотека во Софија постои голем фонд за дејноста на познатото македонско семејство. Според негова процена, фондот „Браќата Робевци и синови“ има околу 100.000 документи. Тој е мошне обемен и за да се истражи целосно бара повеќегодишно ангажирање. Исто така, се потребни и големи средства за да се ископираат сите тие документи. Досега имам ископирано само околу 600 страници, што е речиси ништо во споредба со тоа што го содржат големиот број папки. Станува збор за документи од 19 век до Втората светска војна – вели Никола Целакоски од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, кој го истражува минатото на Робевци.ж
Торзото на Изида – експонат од Куќата на Робевци на банкнотата од 10 денари
На банкнотата од 10 денари е отпечатено торзото на божицата Изида, експонат на Музејот на Охрид, изложен во Куќата на Робевци. Торзото на божицата Изида од 2, век пред нашата ера е несомнено еден од најзначајните експонати на Музејот, а и на соодветната.
Документи за Робевци има и во Архивот на Македонија, а во МАНУ се чуваат 579 наслови на книги, списанија и други изданија, кои двајца членови од ова семејство им ги отстапиле на македонските институции по војната. Дел од богатата архива на Робевци, најстарите и, можеби, највредни документи, најверојатно изгореле во пожарот што ја зафатил нивната куќа во 1861 година во Охрид. Некои ретки книги и стари ракописи Иван Робев, синот на Константин, ги предал на членови на Рускиот археолошки институт во Цариград. Инаку, сегашната атрактивна куќа на Робевци во Охрид што често ја гледаме на туристичките проспекти и разгледници е изградена во 1863 година врз темелите на постарата градба.
Семејството Робевци и во времето на српската окупација на Македонија и во Титова Југославија, било на удар на тогашните власти, па многумина негови членови се иселиле во Бугарија, посебно по Првата светска војна. Нивни потомци денес живеат во Скопје, Белград, Софија…
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 86. број на неделникот „Република“, 25.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



На банкнотата од 10 денари е отпечатено торзото на божицата Изида, експонат на Музејот на Охрид, изложен во Куќата на Робевци. Торзото на божицата Изида од 2, век пред нашата ера е несомнено еден од најзначајните експонати на Музејот, а и на соодветната.