Во источниот дел на Украина од изутринава продолжуваат борбите, а зголемен е и бројот на жртви, меѓу кои голем број цивили. Во Краматорск загинати се десет лица, а бројот на жртви во вчерашните судири и пожар во Одеса е зголемен на 42 лица.
Украина соопшти дека воените операции против проруските сили во источниот дел на земјата изутринава продолжуваат во близина на Краматорск. Досега 10 лица се убиени, а околу 30 повредени, изјави лидерот на силите за самоодбрана.
– Сите десет наши загинати, беа вооружени цивили, изјави лидерот на силите за самоодбраната – пренесува „Раша Тудеј“.
Нападот на украинската армија на Краматорск, како што пренесува „Раша Тудеј“ почна во петокот вечер.
Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков на Фејсбук објави дека украинските сили ја заземале кулата во Краматорск, што се наоѓа во близина на бунтовничкото упориште Славјанск, каде вчера се водеа жестоки борби. Аваков не објави информации за евентуални жртви.
– Активната фаза на операцијата продолжува во зори. Нема да запреме – објави на Фејсбук Аваков.
Руските медиуми во текот на ноќта соопштија за судири во близина на Краматорск. Според болнички извори, во судирите едно лице е убиено, а деветмина се повредени.
Според најновите информации, како што пренесува ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на извештај на украинското Министерство за внатрешни работи бројот на жртви во Одеса се зголемен на 42 лица, додека 125 се повредени и пренесени во болница.
Меѓу повредените се и 21 полицаец.
Властите во Одеса денеска прогласија тридневна жалост поради вчерашните трагични настани.
– Трети, 4 и 5 мај се прогласени за Денови на жалост – објави градското собрание на Одеса на својата страница.
Полицијата приведе над 130 лица кои учествувале во немирите и покрена 10 кривични истраги, пренесува ИТАР-ТАСС.
Прес службата на украинската Влада соопшти дека кабинетот испратил комисија предводена од првиот вицепремиер Виталиј Јарјом да ги истражи околностите под кои се случиле жртвите во судирите и пожарот во Одеса
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.