| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ закажа конгрес за 11 мај, мандатите не се прифаќаат

Централниот одбор на СДСМ, вчеравечер, ја прифати одлуката на Извршниот одбор за неприфаќање на мандатите на избраните пратеници во Собранието на Република Македонија, се во соопштението што денеска опозиционата партија го достави до медиумите

Централниот одбор на СДСМ цврсто стои зад оценките дека поради системскиот притисок на власта врз граѓаните и изедначувањето на државата со партијата на власт, гласачите беа оневозможени да гласаат слободно, се вели во соопштението.

Притоа се истакнува дека изборите за претседател на државата и предвремените парламентарни избори биле спроведени криминално, нефер и недемократски.

Не постојат институции во државата, што можат да го констатираат тоа и да постапат согласно интересите на граѓаните на Република Македонија.

За тоа говори игнорирањето од надлежните институции на над 170 приложени забелешки од страна на СДСМ во предизборието. Еден од конкретните примери за тоталната контрола на власта врз државата во целина, е молкот, буквално на сите институции, одговорни за постапување по коруптивниот случај “Македонска банка“, во којшто е директно инволвиран Никола Груевски. Ова лице, без никаква одговорност, влегува во формирање нова Влада, со што продолжува дерогирањето на системот на државата, се наведува во соопштението.

Централниот одбор на СДСМ, покрај тоа што едногласно ја потврди одлуката на раководството на СДСМ за непризнавање на изборниот процес, му дал поддршка на раководството, предводено од претседателот, Зоран Заев да продолжи со прецизирањето на активностите на СДСМ во насока на создавање услови за организирање фер и демократски избори во Република Македонија.

На синоќешната седница на Централниот одбор била донесена и одлука за одржување на 18-от Конгрес на СДСМ на 11-ти мај, на којшто ќе биде разгледан Извештајот за претседателските и парламентарни избори 2014 и ќе биде утврдена довербата во органите на партијата.

Синоќешната обемна дискусија на седницата на Централниот одбор, кадешто беа разменети мислења за сите важни прашања поврзани со дејствувањето на СДСМ, како партија на којашто во преден план и е заштитата на интересите на граѓаните и на Република Македонија и едногласните одлуки на ЦО, го покажуваат уште еднаш на дело демократскиот капацитет на Социјалдемократскиот сојуз, да биде предводник на тие процеси во државата, стои во соопштението на СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top