Тактиката на Пеп Гвардиола од Барселона и играта со куси додавања, популарно наречена тик-так, што им донесе многу успеси на Каталонците, очигледно не функционира добро кај германскиот гигант Баерн. Синоќа Реал Мадрид ги декласира Баварците со 4-0 и во два меча со преубедливи 5-0 го елиминира европскиот шампион.
Гвардиола се обиди со истата стратегија од Барселона да ја покрене германската машинерија, дури одигра одреден дел од мечот без класичен шпиц или со „лажна деветка“. Тоа е негов изум од периодот кога имаше успеси со шпанскиот и европски првак, но синоќа апсолутно беше прочитан и надигран од Карло Анчелоти.
Инсистирањето на Пеп, Баерн да ја игра играта на Барселона се покажа како фатална за владетелот на стариот континент. Ја немаше препознатливата пробивност на дуото Рибери и Робен, двете опасни крила на Баерн кои носеа успеси и беа главни мотори и мозоци на успесите на Баварците, синоќа „зарибаа“ во тактиката на Гвардиола.
Предолгото кружење на топката со премногу допири, ја отапе главната острица на Баерн. Популарниот тандем крадци на победи „Робери“ се мачеа во тактичките замисли на шпанскиот стратег. И средината на Баерн како и да не постоеше, а одбраната беше постојано во нокдаун. Крос и Швајнштајгер заедно, ја загубија битката во маневарот со извонредниот Лука Модриќ, Марио Манџукиќ ретко добиваше употребливи топки за погодок, што создаде нервоза кај незгодниот шпиц на Баерн, па ефектот се два дуели со Реал Мадрид без постигнат гол.
Посебна приказна беше одбраната на Баерн. Оставена на немилост од играчите во средниот ред, Данте, Алаба, Боатенг и Лам изгледаа неверојатно инфериорни во дуелите со експлозивните Роналдо, Бејл, Ди Марија и со извонредниот техничар во шпицот на Реал, Карим Бензема.
Се чини дека Гвардиола сам со тврдоглаво инсистирање на тактиката „тик-так“ го сопре часовникот на Баерн, кој функционираше како беспрекорна машина под палката на Јуп Хајнкес.
Комплименти секако заслужува и големиот тренерски маг, Карло Анчелоти, кој го предводи Реал. Италијанскиот стратег апсолутно ја прочита играта на Баерн и тактиката на Гвардиола, па „белиот балет“ од Мадрид одигра кралска претстава во Минхен.
Анчелоти за кус период комплетно го среди најслабиот сегмент на Реал – одбраната. Се чини тоа е клучот на успешниот поход на најтрофејниот европски клуб во овој циклус од Лигата на шампионите. Ги спои во функционален тандем темпераментните стопери Рамос и Пепе, нешто што не оди така лесно и за тоа заслужува честитки.
Во тимот навреме се врати еден од најдобрите дефанзивци на планетата Чаби Алонсо, Модриќ се разигра, на офанзивниот дел предводен од кралот на стрелците Роналдо, му се приклучи незадржливиот Герет Бејл, што со одличната тактика на Анчелоти беше сосема доволно за блескав триумф против Баерн и пласман во финалето од ЛШ во Лисабон.
Реал на 24 мај во главниот град на Португалија ќе игра за јубилејната десетта титула европски првак, а противникот во финалето на ЛШ ќе биде познат вечерва по реваншот меѓу Челси и Атлетико Мадрид. Првото поглавје од тој двомеч во Мадрид заврши без голови.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.