| четврток, 6 декември 2018 |

ДПМ ќе формира клуб на писатели за деца „Ванчо Николески“

Претседателството на ДПМ донесе одлука за формирање клуб на писателите за деца што ќе го носи името на основоположникот на современата македонска литература за најмладите, Ванчо Николески. Координатор на клубот ќе биде доајенот на Друштвото, истакнатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза.

Ваквата организациска новина, што е во рамките на статутот на ДПМ, ќе овозможи поголема вклученост на писателите за деца во програмските активности и за поширока презентација на нивното творештво. Македонската писателска асоцијација ќе организира манифестации и трибини за поддршка на творештвото за млади со цел стимулирање и афирмација на овој вид литература што ја создаваат бројни писатели, членови на ДПМ.

Друштвото на писателите на Македонија, на денот на своето оснивање,  традиционално ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за најуспешна книга за деца и млади објавена во текот на годината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top