
Павле Саздов, актуелниот пратеник од Осмата изборна единица, која го покрива американскиот континент, прогласи победа по вчерашното гласање. Според неофицијалните резултати од шесте избирачки места, Саздов освоил 1.170 гласа, додека најблискиот противкандидат Тефик Абдулаи од Демократската унија за интеграција
добил 475.
– Во согласност со неофицијалните информации кои ги имаме добиено досега, дефинитивно победата е на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Америка. Во сите места каде што се гласаше, гласањето помина во најдобар ред, најдемократски, навистина имаше голем одѕив и речиси во сите места ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива победа. Сакам да се заблагодарам на
сите оние што излегоа на 26 април, кои го дадоа својот глас и ме поддржаа во мојата кандидатура. И за претседателските избори, информациите кои ги имам од терен се дека Ѓорге Иванов убедливо има остварено победа во сите гласачки места во дијаспората, особено во Северна Америка. Разликите се во стотици гласови, 10 наспроти еден. Продолжуваме понатаму каде што застанавме, да ги реализираме сите оние проекти што значат поврзување на дијаспората со Република Македонија и нејзина инклузија во нашето општество – изјави пратеникот Саздов.
Саздов победи во пет од шесте избирачки места. Во Њујорк освои 326 гласа наспроти 63 за ДУИ, во Детроит соодносот е 260 наспроти 5, а во Торонто 364 наспроти 43. Абдулаи за МИА изјави дека причината за неговиот пораз е послабиот одѕив на гласачите од очекуваното, како и тоа што дел од гласачите на кои сметал не биле во избирачкиот список.
Според неофицијалните податоци, Абдулаи победи на гласањето во неговиот матичен Чикаго, со 351 глас наспроти 190 за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, но загуби на сите други гласачки места со поголема разлика.
– Денот помина добро, меѓутоа не излегоа многу луѓе. Доста е далеку, во некои случаи требаше да се патува по 4-5 часа за да се гласа. На повеќе од 400 луѓе што се пријавија им ги немаше пријавите. Меѓутоа, еден треба да победи, ова е демократија и нема што да се лутиме. Од страна на организаторите, ќе видиме каде се грешките за другпат да не ни се повторат – изјави Абдулаи.
Од двете помали гласачки места, во амбасадите во Вашингтон и во Отава, во Вашингтон Саздов освои 20 гласа, наспроти 4 за Абдулаи, а во Отава соодносот е 10 наспроти 9. Од другите кандидати за пратеници, Јани Хаџи Еленов од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија има вкупно 90 гласа, Стојадин Наумовски од Достоинство доби 50 гласа, а кандидатот на Демократската партија на Албанците Ферки Бектеши – 5.
На гласањето на претседателските избори, кои првпат се одржаа во дијаспората, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов извојува победа над Стево Пендаровски од СДСМ. Така во Чикаго, Иванов има 128 гласа, наспроти 12 за Пендаровски, во Детроит соодносот е 184 наспроти 16, а во Вашингтон – 24 наспроти 5
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)


