Гласањето на вториот круг од претседателските избори и на предвремените парламентарни избори во сите шест гласачки места во изборната единица број 8, која го покрива американскиот континент, вчера заврши со поголем одѕив во споредба со првиот круг на гласање на 12 април.
Над 1.700 гласачи излегоа на гласачките места во амбасадите во Вашингтон и Отава и конзулатите во Њујорк, Детроит, Чикаго и Торонто. За споредба, на 12 април, кога се гласаше на првиот круг на претседателските избори, излегоа околу 650 гласачи. Вчера најмасовен бил одѕивот во конзулатот во Чикаго, каде на предвремените парламентарни избори гласаа 572 гласачи. Зад Чикаго е конзулатот во Торонто, каде на гласање излегоа 448 граѓани, а потоа следи Њујорк, каде гласаа 420 граѓани. Во Детроит, 220 граѓани го искористиле правото на глас на претседателските избори, а 333 на парламентарните. Во амбасадите во Вашингтон и во Отава, каде нема поголеми заедници на граѓани од Македонија, гласаа по 30, односно 20 граѓани.
– Ова е голем ден за македонските граѓани кои живеат во Соединетите Американски Држави, кои денес по вторпат гласаат на парламентарните избори и првпат гласаат за претседател на Република Македонија. Правото на глас е основно клетка на демократијата и со тоа што нашите граѓани го даваат својот глас на овие избори се вклучуваат во избирачкиот процес во Република Македонија, изјави амбасадорот на Република Македонија во САД Зоран Јолевски, кој го искористи своето гласачко право во амбасадата во Вашингтон.
Свои кандидати на парламенитарните избори во 8-ата изборна единица истакнаа пет партии и коалиции. Актуелниот пратеник Павле Саздов повторно беше кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Демократската унија за интеграција на изборите го номинираше Тефик Абдулаи. Социјалдемократскиот сојуз го истакна Јани Хаџи Еленов, а кандидат на Достоинство беше Стојадин Наумовски. Од Демократската партија на Албанците го номинираа кандидатот Ферки Бектеши. Конечните
резултати се очекува да бидат објавени од страна на Државната изборна комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.