Димитри Димитров од Алпинистички Клуб „Патагонија“ од Охрид заедно со уште двајца членови на Алпинистичкиот Клуб „Матка“ од Скопје, успешно ја завршија мисијата наречена „Малтатал – Австрија“
Алпинистички клуб „Матка“ од Скопје е првиот алпинистички клуб во Република Македонија. Формиран е кон крајот на шеесетите години од минатиот век како логична еволуција на алпинистичката секција при тогашното градско планинарско друштво.
Опасноста демне во секој момент, а грешка или невнимание е недозволиво да се направи. Акцијата се одвиваше по долината на реката „Малта“ која тече низ централно – источните Алпи во Австрија, а македонските алпинисти освоија повеќе вертикални карпи во зимски услови високи и до 350 метри.
– Акцијата, „Малтатал – Bake Rolls 2013“, започна во 5 часот утрото на 10-ти февруари од Скопје за Австрија. Оваа акција го доби oва име, затоа што за време на целото патешествие од 10 часа, единствено нешто кое беше дел од нашето дневното мени, беа неколку паковки со различни вкусови на овој производ и неколку тетрапак сокови. – вели Димитров. Нивното сместување беше во објектот „Хаус Хофер“.
– Уште несместени, донесовме одлука да одиме до првата насока која требаше да ја качуваме наредниот ден, но и да ја провериме состојбата на мразот на другите насоки. Договорот за тоа кој ќе биде распоредот на качување, го подготвивме додека патувавме, како би заштедиле од времето за одмор и качување – потенцираше алпинистот Димитров.
Вертикалата Stannenbach, која според Димитров претставува една од подолгите и поубавите во целиот локалитет, била првата патека по која започнале да се искачуваат.
– Долга, со сигурно обезбедени (сидришта) на секој 25м, која нуди можност за “билдање на километражата”. Оваа насока како и сите други, ја качувавме во тројка. Вториот работен ден се договоривме да биде „Aluhol“, насока со северна експонираност во која може добро да ги проверите и усовршите техниките за качување по мраз. Третата насока која ја качувавме беше мразот на „Маралмфалл“, кој понуди квалитетно и долго качување со неколку варијанти на насокитe. Тој ден, вечно ќе го паметам како еден од најстудените во мојот живот. – информира Димитров.
Послените два дена од акцијата, алпинистите ја искачувале десната варијанта на „Stannenbach“, односно „Columbos“. Димитров истанува дека акцијата успешно била комплетирана во целост.
– За време на качувањето, успешно ги решававме проблемите, поради должината на нашите јажиња. Тука морам да напоменам дека овој локалитет, пожелно е да се качува со 60м „Bicolor“ јажиња, а не со 50м какви што беа нашите. Сепак и со тие проблеми успешно се справивме благодарение на организираноста и ажурноста на секој поединечно. За последниот ден, планирана беше насоката „Columbos“. По двочасовно качување, нашите раце беа тотално заморени. Мора да ја споменам и водата, која буквално се цедеше од мразот на нас. По краток договор помеѓу сите нас, одлучивме ова наше качување во „Малтатал“ да го доживее и својот крај. – вели Димитри Димитров.
Ова е ваква втора екпедиција за искачување во која нашите беа и повеќе од успешни, а тие најавија фото и видео презентација за aкцијата „Малтатал – Bake Rolls 2013“. Учесниците во естремната акција се: Крунослав Аџиевски – А. К. „Матка“- Скопје, Виктор Трпевски – А. К. „Матка“ – Скопје и Димитри Димитров – А. К. „Патагонија“ – Охрид.
Извор: Ohrid News
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.