Амбасадорите на Германија, Велика Британија и Швајцарија, Гудрун Штајнакер, Кристофер Ивон и Стефано Лазарото, денеска на прес-конференција на Граѓанската асоцијација МОСТ повикаа на фер, мирни и слободни избори на вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори.
Амбасадорката Штајнакер на македонски и на албански јазик повика утре граѓаните да излезат на гласање и да го искористат правото загарантирано со Уставот да гласаат за избор на Претседател и на Влада на РМ.
– Вашата одлука донесете ја слободно и независно. Гласајте за претседателот за кој сметате дека најдобро ќе ја претставува вашата земја и гласајте за партијата за која вие и само вие самите сметате дека е најдобра за да владее со вашата земја. Не дозволувајте ниту
поединци, ниту некоја организација да влијае врз донесувањето на вашата одлука. Вашата иднина е ставена на коцка и вашата одлука решава за иднината на вашата земја – рече амбасадорката на Германија.
Британскиот амбасадор Ивон укажа дека меѓународната оценка за спроведените избори е од суштинско значење за Македонија како земја-кандидат за членство во Европската унија.
– Изборните процеси се извонредна можност да се преоцени подготвеноста на земјата да стане членка на ЕУ. Сметам дека меѓународната, како и домашната оценка за изборите по нивното завршување, ќе биде од суштинско значење. Доколку се добие позитивна меѓународна оценка за изборите, тоа ќе го потенцира кандидатскиот статус на Република Македонија и дополнително ќе ја демонстрира подготвеноста на земјата да ги започне преговорите за пристапување во Унијата. Затоа Обединетото Кралство би сакало да види што е можно подобро и позитивно оценети избори – рече Ивон, подвлекувајќи дека е важна и одговорноста во постизборниот период и почитување на институциите на дражавата.
И швајцарскиот амбасадор Лазарото апелираше да се искористи правото на гласање и тоа да им биде задоволство на граѓаните.
– Очекуваме да видиме слободни и фер избори и цврсто сум уверен дека нашата поддршка на МОСТ и на остатанатите невладини организации што се вклучени во процесот ќе помогне да се постигне таа цел. На сите граѓани на Македонија им посакувам мирни, слободни и пријатни избори, бидејќи на гласањето треба да се гледа како на задоволство, барем така е во Швајцарија. Потребен е и цврст политички дијалог во постизборниот период – рече Лазарото.
Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов соопшти дека изборите ќе ги следат со 1.712 свои набљудувачи на ист број избирачки места во сите општини и изборни единици во РМ. Со нив МОСТ ќе покрие 50 проценти од вкупниот број избирачки места, односно на секое второ место ќе има набљудувач.
– Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови со по два набљудувача кои ќе бидат логистика на статичните и повремено ќе ги покриваат местата каде што МОСТ нема свои набљудувачи – рече Алексов.
МОСТ и денеска го набљудува гласањето на болни и немоќни, внатрешно раселени и на лицата во затвор или куќен притвор. Набљудувачите на МОСТ носат жолти маички со лого на асоцијацијата, од која имаат и овластување. МОСТ има бесплатна телефонска линија за пријавување неправилности: 080 080 080
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.