| четврток, 6 декември 2018 |

За круна на сезоната, Вардар во атак на кота три

За круна на прекрасната сезона, за историја, за престиж, за радост, за експлозија во Скопје и Македонија, ќе игра Вардар денеска против Фленсбург во реванш четвртфиналето во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ ќе тргнат кон Келн, кон првиот фајналфор за македонска машка екипа во престижното натпреварување, од 17 часот, во меч што ќе се игра во пеколен амбиент во салата „Борис Трајковски“. Посакувана кота е плус 3, за да се анулира негативата од првиот меч во Германија кога Фленсбург славеше со 24-22.

Полет и дополнителен елан да се успее, да се стаса до позиција која веројатно никој пред стартот на сезоната не ја очекуваше, ќе бидат навивачите на македонскиот шампион.

Скопје и Македонија ја тресеа ракометна грозница што трае цел циклус, а кулминацијата е денеска. Нема назад, нема веќе поправен испит и во 60 минути Раул Гонзалес мора да го надмудри Љубо Врањеш, Дибиров повторно ќе треба да го покаже неверојатниот репертоар удари од крило, тивкиот Брумен да биде прецизен од спротивната страна.

Vardar - Hamburg (4) (Custom)

Очекуваме нов спектакуларен ден на голманот Петар Ангелов, на Дујшебаев, на фантастичниот Карачиќ, а неопходни се и асистенциие на Прибак, головите на Тоскиќ и Чипурин од линијата на шест метри, борбеноста на Абутовиќ. Или како што кусо и мошне мудро вели препородениот Филип Лазаров, „професорот Фленсбург ќе биде строг, а Вардар ќе мора да подготви многу точни одговори за да испише историја“.

Опасни се Гландорф, Магнусен, Могенсен, Фленсбург има и одлични голмани, огромна традиција, повеќе пари, влијание, но вечерва и Вардар има силни адути.

Атмосферата во салата „Борис Трајковски“ пак ќе биде феноменална, ќе проработи скопскиот пекол, кој стана „трејдмарк“ на Вардар и на македонскиот ракомет. Навивачите нема да ги штедат грлата, ќе грми за Вардар, ќе има елан и позитивна енергија од трибините, што треба да се преточи во историска победа од најмалку 3 гола разлика.

vardarki-slavat-25

Верба постои, желбата за успех, за подвиг е максимална, а„црвено-црните“ покажаа и квалитет и мудрост во целиот циклус во ЛШ. Во Скопје не минаа ниту Барселона, ниту ПСЖ, во двомеч падна и европскиот првак Хамбург, што им дава за право на „црвено-црните“ да се надеваат, да сонуваат, да атакуваат. На кота „три“ која не е превисока и е сосема достижна.

Остануваат само 60 минути за триумф, за еуфорија, за историја, за пат во Келн и судир со гигантите на европскиот ракомет. Вардар веќе направи чудо, што треба да се комплетира денеска од 17 часот, во скопскиот пекол, кој ќе топи, ќе притиска, ќе мотивира и ќе го води нашиот првак до неверојатни височини, да продолжи сонот за европски трофеј, за најпрестижното ракометно клупско признание на стариот континент.

Аплаузите и овациите се загарантирани, тие се сигурен печат и награда за неверојатната авантура на вардарци, без разлика како ќе заврши мечот во Скопје и дали „црвено-црните“ ќе патуваат на Ф4 во Германија.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top