| четврток, 6 декември 2018 |

Фленсбург дојде да го освои Скопје, Вардар има поинакви планови

Ракометарите на Фленсбург пристигнаа во Скопје со план да го освојат ракометниот бастион „Борис Трајковски“ и да се пласираат на фајналфор турнирот во својата земја Германија, но Вардар има поинакви планови.

„Црвено-црните“ сонуваат историски успех и настап во Келн на завршницата, со што би биле прва македонска машка екипа, што играла во самата завршница за освојување на вредната европска круна. На јаве утре од 17 часот, вардарци треба да ја анулираат негативата од два гола, по поразот во „Фленс арена“ со 22-24.

„Ако кажам дека немаме што да загубиме, тоа сега дефинитивно не држи. Имаме што да загубиме, затоа што се вративме со поволен резултат, а влогот е фајналфор и историја за македонскиот ракомет. Ова ќе биде посебен меч, посебно тежок испит, за нас можеби најтежок досега во кој професорот ќе биде многу строг и ќе бара многу точни одговори. Ние треба да одговориме на тој предизвик, бидејќи сме на прагот да испишеме историја. Верувам во моите соиграчи, во тренерот и во целиот клуб“, изјави вчера Филип Лазаров, капитенот на Вардар.

Денеска околу пладне во нашиот главен град пристигна експедицијата на Фленсбург. Желбата е иста, да се мине четвртфиналната фаза, што за овој клуб претставува вистинско проклетство. На трипати запреа тука на еден чекор пред фајналфорот и секогаш тоа им се случуваше на интересен начин. Постојано ги губеа првите дуели дома, а потоа победуваа на гости, со помала разлика и испаѓаа.

Овојпат во четвртото четвртфинале по овој систем на натпревари во Лигата на шампионите, конечно победија дома и се надеваат дека ќе ги одбранат двата гола разлика и конечно ќе играат на финалниот турнир составен од четирите најдобри екипи сезонава во Европа.

„Мислам дека утре ќе гледаме еден крајно неизвесен натпревар. Првиот заврши со предност на Фленсбург од два гола, а таа разлика на вакви натпревари не мора ништо да значи. Знаеме каква атмосфера не очекува во СЦ Борис Трајковски, но сметам дека нашата екипа има доволно квалитет да обезбеди место на фајналфор во Келн”, изјави Драшко Ненадиќ, српскиот интеренационалец во Фленсбург.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top