Зоран Заев, заедно со дел од раководството на СДСМ, веќе одлучил да се обиде да ги урне предвремените и претседателските избори в недела.
Одлуката е донесена од најтесното раководство на најголемата опозициска партија, тврдат членови на Централниот одбор на партијата кои се против таква разврска на настаните.
Планот на Заев е попладнето на денот на изборите на десетици изборни места партиски активисти да пријавуваат наводни нерегуларности, да предизвикуваат конфликти со избирачките комисии, да ги злоупотребат и дел од набљудувачите што би требало да пријавуваат нерегуларности при гласањето и на еден час пред затворањето на гласачките места да ги повлечат членовите на СДСМ од избирачките одбори.
Претходно, според планот на Заев, до ДИК од страна на СДСМ би требало да бидат доставени стотици пријави за нерегуларности и за изборни инциденти.
Веднаш потоа Заев планира на прес-конференција да објави дека СДСМ се повлекува од изборите и не ги признава изборните резултати.
Своите сопартијци Заев ги убедувал дека тоа е единствениот начин за борба против власта иако дел од нив го предупредиле дека никој нема да има разбирање за таквиот радикален чекор, особено откако беа усвоени сите барања на опозицијата во новиот Изборен законик.
Заев од дел од членовите на највисоките тела на партијата бил предупреден дека на тој начин Македонија ќе биде ставена во многу тешка меѓународна позиција, којашто ќе биде искористена и од Грција и од Бугарија, но тој инсистирал дека планот мора да се спроведе инаку, во спротивно, СДСМ вечно ќе била во опозиција.
Иако лидерот на СДСМ не добил соодветна поддршка од целото раководство на партијата, тој, користејќи ја својата моќ инсталирана по ланскиот конгрес, барал поддршка и од локалните организации кои само делумно се согласиле со планот.
Дел од нив барале опозицијата да не предизвикува инциденти затоа што по првиот изборен круг, којшто беше прогласен за фер од сите релевантни фактори, немало простор за таков политички маневар. Таквиот став го поддржале и дел од раководството на СДСМ.
Видни членови на опозицијата коментираат дека е јасно оти се работи за обид на Заев да ја спасува својата раководна позиција, но и дека само малкумина во партијата можат да го спречат на сметка на стабилноста на Македонија да ја спасува сопствената кариера.
Очајот на Заев, кој почна по огромната разлика по првиот круг на претседателските избори кога тој сфати дека не може да дојде до власт, се продлабочил со конфликтот со најголем дел од спонзорите на СДСМ коишто го обвиниле за неорганизираност и лоша партиска програма.
Соочен со пропаст на озборите, Заев почнал само директно да ја финансира кампањата со тоа обезбедувајќи право сам да одлучува за сите прашања, вклучувајќи го и обидот да се повлече од изборите и да почне улична демократија којашто ја најави во иннтервјуто за Радио Слободна Европа.
Заев е свесен дека ова црно сценарио, во кое Македонија ќе биде прикажана како земја каде што не функционираат критериумите од Копенхаген и каде што не можат да се спроведат избори, најмногу им одговара на властите во Грција поради што има поддршка од кругови блиски на Владата во Атина, коишто се заинтересирани за таков развој на настаните.
Дел од највисокото раководство сѐ уште не е информирано за планот на Заев кој избегнувал да го подели со луѓето кои претходно биле против бојкот и изборни манипулации. Дел од нив сметаат дека за планот на Заев е разговарано со новинари од опозициските медиуми, како Фокус, Слободен печат и Нова ТВ, кои и самите пишуваа на оваа тема, а сега го охрабрувале и му ветувале поддршка на следниот партиски конгрес кога ќе се избира нов лидер.
Планот на Заев е да не признае пораз на изборите и со тоа да го задржи претседателското место. Тоа што со загрозување на имиџот ќе ја стави земјата во тешка ситуација, за Заев не било важно затоа што и онака, според него, немало шанси Македонија наскоро да биде членка на ЕУ и на НАТО, тврдат членови на СДСМ коишто се противат на ова црно сценарио на Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.