Свесни за страшниот пораз, кандидатот и лидерот излегоа со претходно подготвени прикаски за „режимот“ и за евентуалниот фалсификат, кој не најде одѕив кај ОБСЕ, МОСТ, Излези да гласаш или, едноставно – кај никого, но и со фацијална експресија, која и покрај научените реченици, ги издаде нервозата и очајот од резултатот. Но не ги плаши ВМРО-ДПМНЕ, стравот е од одмазда на довчерашните првенци, сега крајно маргинализирани сопартијци…
Довчерашните првенци чекаат да се одмаздат
Проблемот на социјалдемократското раководство не е само во најавата за уште четири години пост од власт и збогување со претседателската функција, поголемиот страв лежи во очекуваната одмазда на довчерашните челници од Бихаќка, кои мудро и спокојно го чекаат крајот на владеењето на Зоран Заев и на Радмила Шеќеринска. Нивниот идол, сепак, не е Зоро. Одмаздата на незадоволниците, според најавите, но и според заслуженото од резултатите, ќе биде многу посурова, а овој лик е премногу доблесен за фактичката „одмазда“ на раководството за претрпеното. Настрана, тие не дејствуваат криејќи се, туку се само подзаскриени во кафеански муабети, каде што и ги коваат плановите за одмазда. Уште пред еден месец го пренесовме коментарот на еден од нив, кој по објавувањето на кандидатските листи од кафеана во центарот на Скопје му порача на „новото“ раководство: „Ние, конечно, уживаме во животот, Заев нека му ја мисли“. Изразот на лицето на лидерот при последната конференција за печат на СДСМ по изборите на 13 април, придружена со лошо скриената, очајничка фацијална експресија го издаде фактот дека тој многу мислел на ваквиот развој на настаните, вистински кошмар за секој лидер на партија, особено ако мора да прикаже резултати, а притоа е само една година или, слободно кажано, пробно на оваа функција. Фактот дека поголемиот број од малкуте пратеници што ќе ги освојат на предвремените парламентарни избори ќе биде на негова страна не е доволен за да го амнестира од одговорноста за сработеното, а, од друга страна, ќе нема ниту негов човек за шеф на државата, кој би можел повторно да го помилува, барем кај членството. Обидот за претставувањето на „новите“ лица преку ислужените, стари партиски војници беше токму со оваа цел, но во најава е премногу голем наплив и бран на незадоволство за да успеат во првичната намера на раководството.
Историјата се повторува, но некој не учи од грешките…
Можеби, сето ова и не би било толку страшно, доколку анализите на состојбите и на гласовите за предвремените парламентарни избори не ветуваат уште посурова судбина за контото на СДСМ. Математиката е едноставна. Пендаровски доби 326.000 гласови, но сето тоа благодарение и на ВМРО-НП, Достоинство и на дузина други партии, кои сега нема да бидат во нивната коалиција, гласови што ќе се одлеат од партискиот збир на следните избори. Да не заборавиме, Пендаровски победи и во Арачиново, но сигурно не со гласовите на Македонците, кои веќе не живеат таму, а тие што гласале, т.е. Албанците, кои, според информации од терен, иако имаа сопствен кандидат во ликот на Илјаз Халими гласале за него и во други средини, сигурно на парламентарните избори нема да го дадат својот глас за социјалдемократската коалиција.
Прогнозите на познавачите на состојбите се дека јазот меѓу овие гласови на Пендаровски и гласовите на партијата од парламентарното соочување во 2011 година кога освои 368.000 гласови, ќе биде многу голем и тоа во корист на претседателскиот кандидат, кој иако без посакуваната функција, барем ќе остане со сатисфакцијата дека ја „победил“ сопствената партија, или Заев…
Аналитичарите прогнозираат дека СДСМ на овие парламентарни избори ќе се движи околу бројката од 300.000 гласови, ако не и помалку. Причините ги гледаат во одливот на гласовите на неопределените, дел од нив во овие речиси четири години, привлечени од сериозната работа и остварувањата на владејачката партија, но и од кусокот, кој на социјалдемократите ќе им го предизвикаат ГРОМ и Алијансата за позитивна Македонија, кои, несомнено, атакуваат на нивното членство и на неопределените.
Споредбата на резултатите од локалните избори од 2013 година и првиот круг на претседателските во 2014 година открива дека разликата е речиси идентична, ВМРО-ДПМНЕ тогаш победи со 403.193 гласа наспрема 288.415 за СДСМ, или речиси пресликани преку 120.000 гласови како и при сегашниот прв круг претседателски избори. И двете партии имаат тренд на пораст – ВМРО-ДПМНЕ за 43.000, а СДСМ за 37.000 гласови, но проблемот е што на парламентарните избори, во споредба со претседателските, „Коалицијата за подобра Македонија“ останува во ист состав, а социјалдемократската коалиција се дели и разводнува или, во превод, ги очекуваат уште помалку гласови. Велат дека сите учиме од своите грешки, но оваа лекција, барем на Бихаќка, најверојатно, ја прескокнале…
Стево наспроти Заев или, сепак, враќање на спасителот Црвенковски
Картите за целосно рекомпонирање на челниците од Бихаќка се одамна отворени. Веќе неколку месеци во оптек е информацијата, која се негира само на спомената уличка. Еден месец пред кампањата проструи информацијата дека претседателските и предвремените парламентарни избори СДСМ ќе ги искористи за, барем, внатрешно рекомпонирање. Најавената шема беше дека по двојниот пораз ќе следува одделно „мерење“ на резултатите меѓу Пендаровски и Фрчкоски и меѓу Заев и довчерашниот лидер Црвенковски, односно на резултатите од претходните претседателски и парламентарни избори. Подобриот, како награда, треба да го добие тронот на Бихаќка. Нервозата на актуелниот лидер може да се објасни и преку фактот што Пендаровски веќе освои речиси 100.000 гласови повеќе од Фрчкоски во 2009 година, а прогнозите за помал број гласови за партијата на парламентарните избори поради наведените факти создаваат невозможна мисија за Заев. Во ваква ситуација со 326.000 збирни гласови од првиот круг, без сите некоалициски партнери што гласаа за Пендаровски и без помошта на Албанците во битката за законодавниот дом, бројката од 368.000 гласови освоени од Црвенковски во 2011 година за Заев мора да изгледа само како пуста желба, а речиси 450.000 на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се во границите на научната фантастика. Резултатот на ваквиот развој на настаните беше одамна најавен. Според овие конкретни најави и сценарија Стево Пендаровски, и покрај сè, го чека инаугурација и станување претседател, но не на државата, туку на партијата. Неговиот рејтинг, во споредба со актуелниот лидер, во оваа ситуација би бил многу поголем кај и така незадоволното членство, освен, секако, кај новите пратеници, кои ќе уживаат во своите пет минути, или поточно – четири години…
Потребата за целосна реконструкција на партијата според познатата изрека „рибата смрди од главата“, треба да почне од врвот на творците на катастрофалната стратегија, која на социјалдемократите, место победа, им носи само уште четири години апстиненција од власта, е факт за кој сведочат сите познавачи на состојбите, кои за „Република“ велат дека пренасочувањето е потребно не само во дејствувањето, кое би значело бегство од бизарните, неаргументирани црни кампањи и, конечно, создавање квалитетна програма, туку и во комплетна „перестројка“ и смена на идеолозите т.е. раководството, чиешто одобрување на каприциозните сценарија ја доведе партијата до ова дереџе.
Втората, но не и толку далечна опција е триумфалното враќање на спасителот, довчерашниот лидер на партијата. Дека работите и сега се одвиваат под негово покровителство, или дека барем актуелното раководството ја користи неговата матрица на дејствување, говори и вокабуларот на неговиот поданик и човек што еднаш веќе се испроба во познатата улога на „чувар на столчето“ во 2008 година, ролја што ја изврши перфектно, со која, според многумина, и ја заслужи сегашната функција. Кому вторпат би му дале таква задача, ако не на тој што најдобро ја извршил и има совршено искуство во улогата?
Сегашниот вокабулар на Заев е само блед, но актерски полошо одигран и составен римејк на одамна кажаното од Црвенковски. Одејќи по сигурната, веќе установена матрица, и Заев го обвини народот за сопствениот, катастрофален резултат на изборите. Споредбата на речникот е неминовна. Пред само една година, по најлошиот резултат на партијата во историјата на Македонија, Црвенковски, кој еднаш претходно веќе го обвини народот, тогаш изјави: „Овие избори не поминаа во фер и демократска атмосфера и затоа тие се нелегитимни“. Дванаесет месеци подоцна, или во неделата на 13 април, небаре копиран беше и говорот на неговиот наследник: „ВМРО-ДПМНЕ исплашена од губењето на власта, преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите, ја спречи волјата на граѓаните“. Очигледно, авторот на текстот е ист, но и во манирот на социјалдемократскиот стил, не се потрудил многу да го измени. Проблемот е мултиплициран во податокот што Црвенковски загуби со идентичен резултат на локалните избори, но со цели 50.000 гласови помалку од парламентарните избори во 2011 година. Ќе ја достигне ли Зев оваа разлика од 70.000 гласови со ВМРО-ДПМНЕ на последните избори за народни избраници? Според првиот круг претседателски избори, кои се репер и најава за резултатите на парламентарните избори, овој момент е повеќе од невозможен. Сите типуваат на фактот дека разликата ќе се зголеми, како и дека СДСМ уште сега ја посакува бројката од минус „само“ 123.000 гласови на изборите за законодавниот дом.
Аналитичарите, сѐ уште не ја исклучуваат можноста за враќање на стариот, проверен и омилен лидер на Бихаќка. Патот широко му го отвора Заев, но дел од нив и кандидатурата на Пендаровски ја толкуваат како смислен, перфиден чин на искусниот екслидер, кој знаел дека, иако без шанси за победа, неговиот советник ќе освои многу повеќе гласови од „привремениот“ вршител на лидерската функција, така уште пошироко отворајќи му ги вратите за величествено и спасителско враќање на претседателскиот трон, за кој по 300 дена апстиненција, чувствува голема носталгија. По резултатот што следува, пак, актуелното раководство ќе добие втор и јавен жолт картон од членството, а изиграните, извисени првенци, кои дадоа две децении од животот за партијата и со нетрпение го чекаат денот на враќање на долгот, ќе го дадат толку подготвуваниот црвен картон. И терминот е веќе одреден – 27 април, којзнае дали ќе се стрпат до 28…
Клековски – Се предвиде победа, а следуваше пораз
Кога се предвидува водство, а следува пораз, мора да се бараат причините – вели за „Република“ политичкиот аналитичар Сашо Клековски. Ги остава отворени опциите за промени во социјалдемократскиот табор, но, сепак, го чека вториот круг и парламентарните избори за конечна процена и анализа на ситуацијата на Бихаќка.
Клековски: Резултатот на Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ, од околу 326.000 гласови, во првиот круг на претседателските избори, може да се анализира од повеќе агли. Тој резултат е, секако, многу подобар од резултатот на Љубомир Фрчкоски, кандидат на СДСМ на претседателските избори во 2009 година, кој во првиот круг освои 202.000 гласови. Резултатот е близок и до резултатот што го постигна СДСМ на парламентарните избори во 2011 година, од 368.000 гласа. Но, резултатот не е таков каков што посакуваше и најавуваше СДСМ. Преку анкети, преку настапи на медиуми и непосредни комуникации СДСМ поттикнуваше оптимизам дека Стево Пендаровски во првиот круг ќе биде во водство во однос на Ѓорге Иванов, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Водство на Стево Пендаровски не се случи, напротив, водството на Ѓорге Иванов е околу 15 проценти. Кога се предвидува водство, а се доживува пораз со 15 проценти мора да се побараат причините за тоа.
Сѐ уште е рано за целосна анализа на изборните резултати бидејќи е потребно да се анализираат резултатите по изборни единици, општини или по етнички заедници, вели Клековски. Според него, на прв впечаток, Стево Пендаровски не го постигна нивото на поддршка на СДСМ од 2011 година, што може да укажува на тоа дека Пендаровски не успеал да се здобие со поддршката на симпатизери на други политички партии или од други етнички заедници или, пак, дека добил таква поддршка, но поддршката за СДСМ сега е многу пониска од 2011 година.
Клековски: Токму од оваа анализа зависи какви последици ќе имаат изборите врз СДСМ. Доколку се покаже дека Стево Пендаровски својот резултат го должи на СДСМ, тогаш овој резултат, кој е близок до постигнувањето од 2011 година, е малку веројатно да поттикне промени во СДСМ. Но доколку се покаже дека Стево Пендаровски својот резултат го должи во значителен дел на поддршка надвор, а не од симпатизерите на СДСМ, односно доколку поддршката за самиот СДСМ е пониска од таа во 2011 година, постои веројатност тоа да поттикне расправа за одговорност за изборните резултати.
СДСМ се реши за измена на девет од 10 личности од кандидатските листи (90 проценти кандидати не биле кандидати во 2011 година), за отсуство на лидерот Зоран Заев од кандидатските листи, како и одвоени кампањи на Стево Пендаровски и на СДСМ. Центар на расправата ќе биде дали е тоа исправен пристап. Но за тоа ќе мора да се почекаат резултатите од вториот круг на претседателските избори и резултатите од предвремените парламентарни избори.
(Пишува: Љупчо Цветановски | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.