На отворениот ден за матурантите на Факултетот за туризам и угостителство денеска беше промовирана новата кетеринг програма.
Денес ФТУ Охрид нуди шест студиски програми, високообразобната установа со долгогодишна традиција постои 43 години, рече професор доктор Цветко Андреески.
– На ФТУ работат 35 доктори на науки и 11 соработници од повеќе научни области. Покрај со теоретските знаења со кои се стекнуваат нашите студенти, секоја година задолжително за студентите се организира практична настава во соодветни претпријатија и институции. Покрај практичната настава, за дел од студентите, Факултетот обезбедува работа во летниот период. Нашите студенти можете да ги најдете во елитни туристички ресорти во соседството и пошироко, истакна Андреески.
Оваа институција е расадник на врвни професионалци во делот на туризмот и угостителството истакна градоначалникот Никола Бакрачески.
– Со новата кетеринг програма ќе се овозможи на идните студенти не само стекнување на нови знаења и вештини, туку во исто време тоа ќе значи и голема придобивка за туристичките и угостителските работници во Охрид во насока на подобрување на квалитетот на услугите во делот на туризмот и угостителството, рече Бакрачески.
ФТУ денес има модерна библиотека од каде студентите лесно можат да ја набават преведената стручна литература, веб страна, но и систем за управување со содржини за учење преку кој студентите се во можност да остваруваат континуирана меѓусебна комуникација и комуникација со наставниот кадар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.