На локалните избори има и голем број на членови на СДСМ кои се ставени на кандидатските листи за советници на СДУ, како и кандидат за градоначалник на општина Росоман, Гоце Величковски, кој доаѓа од редовите на најголемата опозициска партија. Овие членови, за разлика од другите, како на пример Ташо Радњански од Кавадарци или пак, Зоран Стевовски, од Охрид, од СДСМ немаат манера да ги исклучат од партија оти, како што велат, се работело за минорна група.
– Ние сме партија со 50 илјади членови, и не можеме сега да се занимаваме со некоја минорна група- изјави генералниот секретар Андреј Петров.
Инаку, Гоце Величковски, фаворитот на СДСМ за Росоман на овие локални избори, во последне момент откажал послушност на раководството на партијата и поднел своја кандидатура за градоначалник на Општина Росоман преку партијата на Јанко Бачев, Народно движење за Македонија.
Освен Величковски, резултатите од ДИК говорат дека во Велес, во градоначалничката трка преку СДУ влегува Марјан Спасовски, поранешен и долгогодишен претседател на општинската организација на СДСМ во Велес.
Голем број социјалдемократи одат и на советничките листи. Во Штип Мијалче Попандов и Марика Цанева влегуваат во советничката трка со биографии во кои стои дека се членови на СДСМ. Слична е ситуацијата и во Гевгелија каде што на советничките листи се имињата на Јован Платански и Петар Ефтимов како и во Крива Паланка каде во изборна трка за советник се впушта Милка Михајловска и Горан Милковски.
Во Прилеп преку СДУ оди поранешен секретар на локалната организација на СДСМ во градот.
Седум лица советници од редовите на СДСМ од општина Кисела Вода се најдоа на советничка листа на СДУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.