| четврток, 6 декември 2018 |

Во Катар пауза само за спиење

Несреќи со смртни последици и нечовечки услови за работа на градилиштата каде што се градат стадионите за Светското фудбалко првенство - сето тоа предизвика протести на меѓународно ниво. Но, според извештајот на „Аменсти интернешанал“, се мачат и странските работници, пишува „Дојче веле“

катар

Мали плати, скоро без слободно денови, сексуални напади, претепувања, сето тоа го има во Катар, се наведува во извештајот на „Амнести интернешанал“.

Несреќи со смртни последици и нечовечки услови за работа на градилиштата каде што се градат стадионите за Светското фудбалко првенство – сето тоа предизвика протести на меѓународно ниво. Но, според извештајот на „Аменсти интернешанал“, се мачат и странските работници, пишува „Дојче веле“.

Студијата, која ја објави вчера Светската организација за заштита на човечките права, се обиде да ја расветли оваа ситуација со работниците. Она што го раскажале работниците било застрашувачко – тие сведочат за екстремно ниски плати, работна недела која трае 100 часа, скоро без пауза или слободни денови, премалку сон, понижување и насилство.

– Работните услови се многу строги – вели претставничката на „Аменсти интернешанал“ за Катар, Регина Шпетл, за „Дојче веле“.

Повеќе од 130 илјади странци во Катар работат како чистачи, готвачи, дадилки, возачи, градинари. Станува збор за околу 84 илјади жени и 48 илјади мажи. Тие работат кај Катарците, но и за Европејци, Американци, Азијати и Африканци. Поголемиот број работници доаѓаат од јужна и југоисточна Азија.

Извештајот има наслов „Мојот сон е мојата пауза“. „Амнести“ меѓу октомври 2012 и март 2013 година разговарал со 52 работнички.

Организацијата се распрашувала и на официјални места, како Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и амбасадите на земјите од каде што доаѓаат работниците. Сведочењата била страшни: тие зборувале дека биле тепани, влечени за коса, фрлани по скали… Една Индонезијка имала рани од нож и рани од пегла која ѝ била притисната на градите. Некои тврделе дека биле и силувани.

– Силувањата многу ретко ги има во извештаите бидејќи жените се плашат дека наместо жртви, ќе станат учесници во тоа недело. Често им се префрла блудно однесување – вели Шпетл.

Иако во истражувањето биле анкетирани само 52 жени, а тоа е мал процент од вкупниот број работници, нивните изјави се релевантни и имаат тежина, смета Шпетл.

Во амбасадите на земјите од каде што се работниците, секоја недела стигнуваат десетина поплаки. Катарската фондација за борба против трговија со луѓе минатата година на месечно ниво регистрирала меѓу 200 и 300 повици за поплаки.

Работниците најчесто потпишуваат договори напишани на арапски јазик. Кога ќе дојдат да работат во Катар, подлежат на законите на таа земја.

Катарската влада изјавила дека ги нотирала забелешките и ветила дека ќе помогне.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top