| четврток, 6 декември 2018 |

Фленсбург е чудо, трипати испаѓа во четвртфиналето со три порази дома и три победи на гости

Фленсбург има проблем како да го надмине проклетството од четвртфиналните двомеча во Лигата на шампионите, велат Германците, а според нив сега е редот да се сопре катастрофалната серија од три елиминации во рундата што е само една фаза пред завршниот турнир во Келн.

– Конечно победивме на домашен терен во четвртфинален меч. Можеби тоа е добар знак, макар што сме свесни дека треба да поправиме многу работи во играта за да се надеваме на успех и конечно да играме за титулата во Келн. Јас сум оптимист – изјави капитенот на Фленсбург, Тобијас Карлсон.

Фленсбург го победи македонскиот првак Вардар со 24-22, во првиот четвртфинален дуел и тоа му е прва домашна победа во четвртиот обид да се мине последната пречка на патот кон завршницата.

Германскиот тим е вистинско чудо со уште почудна традиција. На трипати, во 2009 година, 2011 година и во 2013 година испаѓа во четвртфиналето и во сите обиди ги загуби мечевите на домашен терен, а победуваше на гости.

Пред пет сезони во германското дерби со Хамбург на свој терен загубија со 25-28, а во реваншот тенка беше победата на Фленсбург од 31-29, па ривалот замина на завршниот турнирот.

Во 2011 година се беше решено на првиот натпревар во двомечот со Сиудад Реал, кој славеше со 38-24 во Германија на првиот натпревар. Реваншот беше само формалност, па Фленсбург во ревијален меч победи со 22-21.

И лани работите се репризираа во нов двомеч со Хамбург. Фленсбург ја загуби првата четвртфинална пресметка на домашен терен со 26-32, а победи во Хамбург со 25-23 и пак испадна.

– Не зависи сè од нас бидејќи Вардар се покажа како незгоден противник. Сепак ја остваривме првата цел да победиме на домашен терен. Знаеме што треба да очекуваме во Скопје, приказните за неверојатната атмосфера ни се познати, но ние сакаме да ја довршиме почнатата мисија и да се пласираме во Келн – вели Дирк Шмашке, директорот на Фленсбург.

Вардар си има поинакви планови и одличен резултат од првиот меч, па сонот за историски пласман на завршниот турнир во Келн е реалност. Негативата од два гола разлика е достижна, а „црвено-црните“ ќе имаат моќен осми играч во публиката. Се очекува подршка за Вардар од околу 8.000 бучни навивачи во салата „Борис Трајковски“, а на нишан е победа од минимум три погодоци разлика, за прв настап на македонска машка екипа на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top