Вечерва од 20-45 на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампиони ќе се сретнат Реал Мадрид и актуелниот шампион Баерн Минхен.
Тренерот на „кралскиот“ клуб Карло Анчелоти има проблеми околу составувањето на тимот. Кристијано Роналдо се опоравува од повредата која ја доби пред три недели, а по денешните тестови ќе се знае дали ќе биде фит за мечот. Герет Бејл е подготвен 100 проценти, додека на местото на Марсело ќе биде Фабио Коентрао.
– За нас е извонредно што играме со тим каков што е Баерн , ќе дадеме се од себе за да се пласираме во финалето. Гвардиола е еден од најдобрите тренери на светот, знам дека ќе ни биде многу тешко. Ова за сите нас е најзначајниот момент во сезоната, изјави Анчелоти.
Од друга страна Пеп Гвардиола е во подобра ситуација. Давид Алба се опоравува од прехлада, додека Алкантара, Контенто и Шакири нема да бидат во конкуренција за во првите 11. Мануел Ноер не бранеше претходниот викенд, но се очекува дека ќе биде спремен за вечерашниот меч.
– За да победиме треба да прикажеме многу добри перформанси. Мадрид секогаш е посебно место, без разлика дали со овој тренер или друг, со овие фудбалери или други. Тие се тежок противник кои имаат одличен стручен штаб. Се надевам дека Роналдо ќе игра. Играме за луѓе кои сакаат да ги гледаат најдобрите. Тој е еден од најдобрите. Доколку тој не игра, тие ќе играат на поинаков начин – вели Гвардиола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


