| четврток, 6 декември 2018 |

ЛШ: Автобусот на Мурињо ја издржа офанзивата на Атлетико

На стадионот „Висенте Калдерон“ во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампиони Атлетико Мадрид и Челси одиграа без голови 0-0.

За ваков резултат најзаслужен е тренерот на Челси Жозе Мурињо кој со дефанзивна тактика го успори натпреварот и успеа да го сочува голот, без намера да го загрози противничкиот.

– Ова не е резултатот кој го сакав пред натпреварот, но не сакав ни во реваншот да бркаме негатива. 0-0 не е позитивен резултат за екипата која вториот натпревар го игра дома. Ние овој натпревар го одигравме на начин кој ги нервира црвено-белите од Мадрид. Не треба да се заборави дека тука паднаа Милан и Барселона, но не и ние – изјави Мурињо.

Стратегот на „јорганџиите“ Диего Симеоне смета дека нерешениот резултат му одговара на лондонскиот тим.

– Беше ова тежок и тврд натпревар во кој ниедна екипа не успеа да оствари предност. Не успеавме да најдеме пат до победничкиот гол. Со ова реми Челси има блага предност – рече Симеоне.

На синоќешниот натпревар повреди заработија Тери и Чех, а Лампард нема да игра во реваншот поради бројот на жолти картони, како ни Оби Микел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top