Државната изборна комисија соопшти дека за претстојните локални избори се поднесени вкупно 268 кандидатури за градоначалници и 350 советнички листи. Од нив 25 се независни кандидати за градоначалници, а 93 советнички листи.
На полноќ заврши рокот за приговори за отфлените листи од Општинските изборни комисии (ОИК).
ДИК се` уште не ги соопштува имињата на кандидатите за градоначалници, и советничките листи.
ОИК по потврдувањето на листите на кандидати за членови на Совет и листите на кандидати за градоначалник ги доставува до ДИК заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати. Рокот за ова изборно дејство истекува на полноќ на 22 февруари.
Жрепката за утврдување на единствената листа на кандидати за членови на Советот на општината, односно Советот на Град Скопје и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, односно Градот Скопје, ДИК ќе ја одржи на 24 февруари. Претходно ДИК ги известува овластените претставници на подносителите на листите за одржување на ждрепката.
Општинските изборни комисии утврдените единствени листи ќе ги огласи најдоцна 25 дена пред денот определен за одржување на изборите, односно на 26 февруари до сите населени места и на избирачките места во општината, односно во Градот Скопје. Утврдените листи на кандидати во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот се објавуваат покрај на македонски и неговото кирилско писмо и службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.
На 18 февруари, односно 48 часа по потврдувањето на листите завршува и рокот за обезбедување на единствен даночен број и отворање трансакциска сметка заради прибирање на средства за финансирање на изборната кампања, од страна на политичките партии, коалициите, носителите на независните листи од група избирачи, односно лица кои имаат намера да се кандидираат. Единствениот даночен број според роковникот на ДИК треба да биде со назнака „за изборна кампања“, а трансакциската сметка „за изборна кампања“ и тие не можат да се користат за друга намена. Доколку политичката партија, коалицијата, носителот на независната листа од група избирачи, односно лица кои имаат намера да се кандидираат не обезбедат единствен даночен број и не отворат трансакциска сметка во предвидените рокови кандидатската листа се отфрла со решение на надлежната изборна комисија, односно потврдената листа за кандидати се поништува.
Најдоцна до 21 февруари ДИК треба да ги информира избирачите и да ги објави описите на избирачките места во печатот и другите средства за јавно информирање.
На полноќ на 24 февруари ДИК го заклучува избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид отпечатен во вид на изводи. ДИК го потпишува заклучениот избирачки список, односно изводите од избирачкиот список на кој се гласа најдоцна 15 дена пред денот на одржување на изборите, односно на 8 март на полноќ.
До 8 март треба да заврши задолжителната едукација на членовите на општинските изборни комисии, а од 1 до 21 март општинските изборни комисии ќе организираат, вршат и спроведуваат едукација на членовите на избирачките одбори според Планот и Програмата на ДИК.
Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите, односно на 4 март на полноќ и завршува на 22 март. Во првиот и вториот круг на гласање кампањата не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот