| четврток, 6 декември 2018 |

Реставрирани пет објекти во Кратово

Заради заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседуваат Кратово и кратовскиот регион, во изминатиот период, со поддршка од Министерството за култура, беа реализирани повеќе проекти, меѓу кои и целосната реконструкција на Саат-кулата и на Симиќевата кула кои веќе се отворени за посетители

кратово

Стручните екипи на Националниот конзерваторски центар ја завршија санацијата и реставрацијата на пет дуќани – објекти од староградската амбиентална архитектура во рамките на споменичната целина Ајдучка чаршија во Кратово.

Конзерваторските зафати беа дел од повеќегодишниот проект на Министерството за култура за зачувување на автентичниот изглед на старата градска архитектура со кој до 2017 година е предвидена обнова на 250 фасади на објекти во стари градски јадра. Реализацијата на овој проект е во контекст и на елаборатот за ревалоризација на старото градско јадро на Кратово, чија изработка е во завршна фаза.

По завршувањето на овие активности, стручните екипи на Националниот конзерваторски центар ќе пристапат кон изработка на закон за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење со што ќе се даде значителен придонес во непосредната заштита и ревитализација на ова споменично добро.
Заради заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседуваат Кратово и кратовскиот регион, во изминатиот период, со поддршка од Министерството за култура, беа реализирани повеќе проекти, меѓу кои и целосната реконструкција на Саат-кулата и на Симиќевата кула кои веќе се отворени за посетители.

На значајниот споменик на културата, Златкова кула, пак, беа извршени заштитни интервенции, со што овој објект, заедно со останатите, активно ќе се вклучи во туристичката понуда на Кратово. Во програмата на Министерството за култура за ревалоризација на споменичните добра се и познатите кратовски мостови: Јокчински мост, Грофчански мост, Чаршиски мост, Радин мост, Горен мост и Мал мост кои во следниот период ќе бидат заштитени.

Во континуитет се работи и на заштитата на споменикот на културата, црквата „Св. Јован Крстител (Претеча)“, обновена од познатиот
неимар Андреја Дамјанов во 1836 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top