Имаш ли билет за Вардар, те молам најди ми ќе ти бидам благодарен за цел живот. Ќе платам колку треба. Ова е една од најчесто споменуваните реченици деновиве, особено по добриот резултат на македонскиот ракометен шампион против Фленсбург во првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите. Прифатливиот пораз од два гола разлика, 22-24 во „Фленс“ арена, ја крена температурата во Скопје и Македонија на точка на топење, а билет за реваншот во кој Вардар на 26 април ќе го пречека гераманскиот состав вреди богатство.
Вистинска саботна ракометна треска ќе го гори Скопје и цела Македонија, а на менито е спектакл што со нетрпение се очекува кај нас.
„Црвено-црните“ се на чекор до пласман на фајналфор турнирот во Келн, ќе имаат огромна поддршка од трибините во сабота, а иако билети оддамна нема, за нив владее вистинска грозница. Влезниците беа распродадени експресно за неколку минути уште пред да почне првиот меч во Фленсбург, но еуфоријата и обидите да се обезбеди место на една од трибините во салата „Борис Трајковски“ не стивнуваат.
Интересот за еден од најважните натпревари во историјата на РК Вардар, веројатно и на македонскиот спорт, ги минува сите граници. На секој начин се бара чаре да се присуствува на спектаклот во сабота, а капацитетот од 7-8 илјади гледачи во скопскиот бастион е премал за да ги прими сите заинтересирани.
Да се играше и на фудбалската арена „Филип Втори“, со капацитет од триесетина илјади места, повторно ќе имаше огромен притисок за билети, кои пламнаа по цена од 250 до 500 денари.
Среќници има околу 7-8 илјади, си купија влезници навреме, а за останатите останува да стискаат палци и да навиваат за Вардар пред екраните во преносот во живо на АЛФА телевизија од 17 часот во сабота.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.