Нема добра забава во Скопје, посебно за тие што ги сакаат латинскиот и кубанскиот ритам, без „Тумбао салса бенд“. Сите што се вљубени во таа музика знаат каде ќе ги најдат – во срцето на Скопје, во „Миднајт клуб“, каде што седум години свирaт во живо и прават неверојатна забава. Како што велат и членовите на групата, тие таму живеат, музицираат и црпат инспирација. Петар Ренџов, заедно со Арсо Јаневски и со Дамир Имери се автори на албумот „Бела салсита“, а зад целосната инструментална реализација се другите членови на „Тумбао“: Сенад Усеин, Алек Секуловски, Горан Гешовски, Марко де Одорико, Билјана Ѓошева и Мартина Христовска.
Ноќниот живот е речиси незамислив без настапите на „Тумбао салса бенд“. Колку Ве инспирира блискиот контакт со публиката?
Ренџов: Сите членови на групата се занаетски квалитетни музичари и имаат многу сериозни проекти како членови на „Биг бенд“ на МРТВ, Македонска опера и балет, професори на академија итн. Но, музиката е универзален јазик и неизмерно е убаво кога се споделува со присутните, кои прифаќаат да се радуваат на моментот, кога фреквенцијата, ритамот и хармонијата будат чувство на среќа. Токму тоа е убавината на „Тумбао салса бенд“, има искуство и вештина да го пренесе тоа, а, исто така, се радува на возвратната реакција кога слушателите ги плени моментот на импровизација. Таквата врска е храна за секој музичар, па и за секој уметник. Ние во „Миднајт клуб“, во срцето на Скопје, веќе цели седум години живееме, музицираме и црпеме инспирација од таквата директна комуникација со публиката.
Во албумот „Бела салсита“ публиката веднаш препозна нешто ново, иако има и преработки на стари македонски песни, содржи и авторски песни. Колку сте задоволни од тоа како е прифатен овој проект?
Ренџов: Нашиот единствен проект „Бела салсита“ содржи 11 нумери од кои шест се авторски, четири се пререботки на македонски песни и една е преработка на стара кубанска песна. Заедно со Арсо Јаневски и со Дамир Имери се јавуваме како автори на албумот, а зад целосната инструментална реализација се другите членови на „Тумбао“: Сенад Усеин, Алек Секуловски, Горан Гешовски, Марко де Одорико, Билјана Ѓошева и Мартина Христовска. Главно, песните се со едно среќно и динамично темпо, кое припаѓа на салсата. Со ова имавме желба да придонесеме во содржајноста на македонската популарна музика, да дадеме мотив на луѓето да се радуваат, да играат и малку да ги пренесеме во музичкиот свет на безгрижноста, на помладите генерации да им понудиме доза против турбофолк. Ние, едноставно, знаевме дека овој албум ќе допре до публиката. Нашата перцепција на ноќниот живот за тоа како реагираат луѓето на нашите песни, веќе ја имавме создадено и потврдено. Но, искрено, не очекувавме дека песната „Рандеву“ ќе стане ултимативен хит на буквално сите радиостаници во земјата. Тука многу ни помогнаа настапите во живо на двете телевизиски шоуа, „Златна бубамара“ и „Танц со ѕвездите“, кои ѝ ја презентираа нашата музика на пошироката јавност. Настапот на Виенскиот бал и на Хуманитарниот велеслалом во Маврово ни овозможија директен контакт со спонзори и со стопанственици и фирми, кои безрезервно нѐ поддржаа, па така целата таа атмосфера на „Тумбао салса бенд“ му носи задоволство и оптимизам за да може и понатаму да ја спроведува својата замисла и ја дели позитивната енергија и музика.

Како се сплотија македонскиот мелос и кубанскиот ритам?
Ренџов: Мислам дека главната формула е да му дозволите на времето да ја направи таа хемија. Свиревме, музициравме, живеевме и по стотици настапи, по клубови, турнеи, концерти, забави, едноставно, латинските ритми станаа дел од нас. А кога нешто ќе ти ја насели душата, едноставно, така почнуваш да живееш, размислуваш, доживуваш, љубиш, создаваш. Така се случи и со албумот „Бела салсита“. „Тумбао салса бенд“ не го направи со некаква намера за да создаде уметничка вредност, туку многу поедноставно, музиката сама излезе од нас. Да ги свирите Шакира, Џовани Хидалго, Бјонсе, Рики Мартин, Цесарија Евора или, пак, „Буена виста сошал клуб“, на публика што најубаво ги знае песните „Македонско девојче“, „Мори моме Магде“ или „Среќата со пари не се купува“, едноставно, не се вклопува. Новината што ја создадовме мислам дека е освежување за нашето музичко опкружување, за менталитетот на сопствениот народ и претставува свежина и мирис на јужноамериканските мориња, кои ни ја надополнуваат празнината, особено во лето, поради тоа што Македонија нема море. Со дел од таа култура ја реанимиравме македонската песна, која под налетот на времето станува сѐ подалечна за помладите генерации.
Ве радуваат ли насмеаните лица на публиката на Вашите настапи, неизбежното играње и мешање со колкови. Сепак, само латинската музика може да го натера и најздрвениот човек да заигра.
Ренџов: Морам да ви кажам дека и ориенталната музика (сириската, турската, индиската…) повикува на танц и на мешање со колкови. Историски гледано, поради влијанието на Турција во Македонија, ритмите на чочек и на оро ни се многу поблиски. Мислам дека сѐ уште не постои македонска свадба на која не се застапени овие ритми, што наведува до заклучок дека веќе се влезени во духот на македонската традиција. Но, приказната за „Тумбао“ е нешто сосема друго. Ние успеавме да влеземе во душата на една многу далечна култура – кубанската. Енергија што има сосема други ритмички карактеристики, но, исто така, е најискрената народна музика создавана со векови. Публиката, особено танцовите двојки, реагираат неверојатно, без двоумење тргнуваат во напад, играат, играат, играат. Тоа кај нас предизвикува желба да свириме, свириме и свириме. Кога ќе се создаде круг – нема крај!

Кои се „Тумбао салса бенд“? Од каде тоа оригинално име?
Ренџов: „Тумбао салса бенд“ постои веќе 10 години, а групата ја оформи мојот брат Павел Ренџов во 2005 година, додека беше дипломец на Џез-академијата во Келн. Тој престојуваше во Македонија и ги покани најдобрите музичари од „Биг бенд“ при МРТВ да ги отсвират аранжманите на стари кубански песни и на џез-стандарди. По неговото заминување назад во Германија, сите музичари што учествуваа на таа свирка побараа да не запре овој ритам, па така приказната трае до денес. Многу размислувавме како да се наречеме. Натегањата за можно решение, можеби, траеја со месеци, често се шегувавме на сопствената некреативност да го најдеме вистинското име. Но, во едно прекрасно музичко расположение на проба, кога секоја отсвирена фраза нѐ носеше како да сме покрај море, со палми, Арсо Јаневски, кој свири на конги, едноставно, како со издишка ја именуваше групата по основниот ритам на кубанската музика, тумбао, јасно беше дека ќе направиме пауза и ќе одиме на пиво.
(Пишува: Марина Костовска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


