
Визијата на СДСМ е Македонија да стане општество на бројна, економски стабилна и финансиски одржлива средна граѓанска класа. Само таквата средна класа, која треба да зафаќа над 80 проценти од вкупното население, може да биде гарант за брз економски развој на државата и за подигнување на животниот стандард на населението. Македонија мора да има економија што ќе биде компатибилен дел од економијата на ЕУ, изјави претседателот на општинската организација на СДСМ во Охрид, Томислав Тунтев, на средбата со граѓаните.
Тој нагласи дека новата влада на СДСМ целосно ќе го реши проблемот со стечајните работници, преку обезбедување паричен надоместок за сите граѓани кои останале без работа поради приватизацијата, а имаат 15 години работен стаж со платени придонеси.
– Ќе ја субвенционираме каматата за кредитите и ќе ги ослободиме претпријатијата од таксите за извозните царински декларации, кај кои вредноста на извозот е најмалку 50 проценти повисока од вредноста на увозот. Ќе обезбедиме ефикасна, лесно достапна и едноставна информатичка поддршка на туризмот и туристичката промоција. Ќе воведеме неселективни и праведни субвенции за конкурентен развој на туризмот. Ќе го реализираме инфрструктурниот патен проект „Македонија мегалополис“ – патно поврзување на населените места што ќе овоможи патување меѓу сите најголеми урбани центри во државата не подолго од 90 минути – изјави Тунтев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


