| четврток, 6 декември 2018 |

„Сталинград“ ќе го отвори 17. Скопски филмски фестивал

Шеесет филмови во осум програми ќе бидат прикажани на претстојниот 17. Скопски филмски фестивал што ќе се одржува од 21-ти до 30-ти април. Руската историска драма „Сталинград” на Фјодор Бндарчук, снимен во 3Д Имакс технологија, ќе го отвори фестивалот. „Невидливата жена” на Ралф Фајнс, приказна за тајната љубов на Чарл Дикенс, ќе ја спушти завесата на манифестацијата.

Во главната програма ќе бидат прикажани осум филмови: „Сликата што недостасува” на Рити Пан од Камбоџа, мексиканскиот „Хели”, иранскиот „Манускриптите не горат” на Мухамед Расулоф, грчкиот филм „Госпоѓица насилство” на Александрос Авранас, индискиот „Ланчбокс”, „Ние сме најдобри” на Лукас Мудисон, „Слободна зона” на Веико Оунпу од Естонија и „Часот на рисот” на Серен Крег Јакобсон кој се смета за еден од најконтроверзните. Три од нив имаа светски премиери на Канскиот фестивал.

Во Програмата на авторски филм прв е Ким Ки-дук со „Моебиус” по кој следуваат неколку ексцентрични црни комедии и сатири, „Вештерките од Зугарамурди”, „Влажни места”, „9 месеци”, „Јас, лично јас и мајка ми” „Дали човекот кој е висок е среќен” и „Киднапирањето на Мишел Уелбек”.

Покрај овие две главни програми, фестивалот ќе понуди и „Ретроспектива” на Џим Џармуш од шест филма меѓу кои „Постојан одмор” (1980), „Почудно од рајот” (1984), „Надвор од законот” (1986), „Мистериозен воз” (1989), „Ноќ на земјата” (1991) и „Мртов човек” (1995).

„Во фокусот” годинава е австрискиот режисер Улрих Зајдл со неговата „Трилогија: Рај” поделена на „Рај: Љубов”, „Рај: Верба” и „Рај: Надеж”.

Програмата „Eye on films” нуди четири дебитантски дела, „Луѓето таму” на Аик Карапетијан од Латвија, италијанскиот „Утринска ѕвезда” на Софи Блонди, францускиот „Интимна политика” на Јамини Лила Кумар и холандскиот „Тивките” на Рики Ринеке.

Програмата на кратки филмови содржи десет остварувања на тема „Секс и религија”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top