Немања Прибак долго е во Скопје и Македонија, во два наврати го носи дресот на ракометниот клуб Вардар, а со игрите и џентлентското однесување ги собира симпатиите и на вардаровите симпатизери и за на неутралните љубители на ракометот. Во интервју за „Балкан хендбол“, новопечениот македонски репрезентативец, кој е родум од Србија, вели дека е презадоволен од престојот во Скопје и во нашата држава.
„ За мене Вардар е најдобриот клуб на светот. Родниот Ниш ми е на два ипол часа од Скопје. Сега имам и фамилија, сите сме среќни, едноставно тука се пронајдов самиот себеси. Следната сезона ќе имаме многу посилна екипа, и се надевам дека уште долго ќе го носам дресот на Вардар”, е изјавата на средниот бек на Вардар.
Пред него и Вардар е голем предизвик, веројатно и клучен сезонава, а „црвено-црните“ треба да најдат рецепт за германската машинерија од Фленсбург за да играат на фајналфор турнирот во Келн, за трофејот во Лигата на шампионите.
„Се создаде атмосфера дека сме фаворити против Фленсбург, и затоа мора со студени глави да влеземе во двомечот со Германците. Според мене тие се најдобрата екипа во Бундеслигата, играат најдобар ракомет и имаат одличен тренер. Битката за пласман во Келн ќе биде тешка и неизвесна, а секако се надевам дека таму ќе патува Вардар“, вели Прибак.
Двата меча се играат следната седмица, најпрво во понеделник на 21 април во „Фленс“ арена од 19 часот, а реваншот ќе почне два часа порано на 26 април во сабота во Скопје. Подобриот од двата дуели ќе игра на завршницата за трофејот, фаза на натпревари во ЛШ во кои никогаш досега не учествувала македонска екипа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.