| четврток, 6 декември 2018 |

Металург најавува спектакл за скротување на германските „зебри“ од Кил

Металург е на два чекори до историски успех и пласман на фајналфор турнирот во Келн, а дотаму патот ги води преку двомечот со германскиот гигант Кил. Екипа што има огромно ракометно реноме во Европа, со 3 шампионски титули и уште толку финалиња, многу прзнанија и клупски и индивидуални на ракометарите што настапувале за популарните „зебри“. Металург втора година по ред игра четвртфинале во Лигата на шампионите, а сака да го поправи впечатокот од лани кога ги загуби двата дуели со полскиот Кјелце.

„Мило ми е што сме четвртфиналисти втора година по ред. И тоа од квалификации меѓу осумтте најдобри во Европа. Голем успех за Металург, за ракометарите, раководството, за мене, за сите што го сакаат клубот. Се радувам што клубот расте постојано, се држиме високо на европската ракометна мапа. Немаше да верувам дека ќе стасаме до овде со оглед на тоа во која група бевме. Сите 4 екипи од таа група сѐ уште се во игра за титулата.

Ова ќе биде значајна сабота за нас, посебен ден. Ми е жал што сите не можат да дојдат до влезници. Би сакал да може да бидат сите присутни во салата, да гори, да биде уште поголем спектакл.

Мислам дека со досегашните игри заслуживме комплименти, а ќе се обидеме да направиме уште едно чудо. Шампионите ги користат шансите, а ние сакаме да ја искористиме нашата, пред се во сабота. Сакаме уште еден скап скалп, да го надиграме Кил и да имаме со што да се пофалиме. Сезонава победивме се што вреди во ракометна Европа, во Скопје паднаа и Барселона и Пари Сен Жермен, потоа и Колдинг, па се надевам дека ќе падне и Кил. Не смееме да дозволиме технички грешки, бидејќи ги имаат брзите Екберг и Сигурдсон. Во движење се многу опасни, играат брз центар, атрактивен и експлозивен ракомет. Не смееме да дозволиме да се распукаат бековите, Вујин, Јиха… Сакаме да ја репризираме играта од дуелот со Барселона во Скопје, кога ги сопревме Карабатиќ и останатите бомбардери од Барса со агресивна игра. И секако со добра игра повторно да им се заблагодариме на сите навивачи на Металург, што на феноменален начин го бодреа тимот во овој циклус од Лигата на шампионите“, изјави Лино Червар.

Филип Миркуловски ќе биде силен адут на Металург, а неговата борбеност, енергија и квалитет треба да му помогнат на македонскиот претставник да приреди уште една сензација и да се избори за уште едно ракометно чудо.

„Се надевам дека ќе имаме повеќе среќа од лани и дека барем еднаш ќе го победиме Кил. Треба да го извлечеме најдоброто од нас, заедно со публиката и да направиме победничка атмосфера за да имаме успех. Кил е голема екипа, што сака да ја спаси сеозната со пласман на фајналфорот во Келн. Сакаме да го разбиеме тоа сценарио и во голем стил да направиме историски успех со настап на завршниот турнир во Германија“, изјави Миркуловски.

Мечот во Скопје ќе се игра од 18,30 часот во салата „Борис Трајковски“ во сабота на 19 април, а реваншот е на 27 април.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top