Велат дека коинциденции не постојат, но случајно или не, кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се совпаднаа броевите на местата на гласачките ливчиња од баражот во ДИК и соодносот на страниците на програмите. На ливчињата ВМРО-ДПМНЕ доби број 5, СДСМ број 1. Таков е и соодносот на квантитетот, а според аналитичарите и на квалитетот, на програмата – 5:1. Искрено, на Бихаќка навистина како да не се мачеле со создавањето на програмата за изборите. Наспрема огромната програма, која е одраз на машинеријата на ВМРО-ДПМНЕ – тешка цели 384 страници, СДСМ, буквално, излезе со мини-програма од „заокружени“ 100 страници, од кои – ако се одземе воведот, маргините и големиот простор за секој „столб“, не се собираат ниту 70 страници. И самиот лидер Заев призна дека не планирале сега да дадат предизборна програма затоа што не планирале ниту избори, а изненадени, очигледно, останаа и творците на пишаното на познатата уличка, кои затечени склепаа нешто што треба да личи на програма. Историски гледано, програмата и онака никогаш не била јака страна на партијата во која работите секогаш се решаваа во од и стихијно. Новиот стил на игра наметнат од противниците тешко станува дел од социјалдемократските елитистички навики за „лезет“ изборен настап. По можност со кафенце и со муабет, но без напор и стресови, како неподобни и непознати за станарите на оваа зграда од Бихаќка. Брзината на креацијата ја издаде и самото име на партиското и програмско лого, кое, за жал, излезе чиста компилација и плагијат на предизборен слоган на најголемиот ривал. Логиката е едноставна, кога ти се брза и си во тесно, ја користиш веќе измислената топла вода. Во паника, средствата не се избираат. Оригиналноста е уште еден показател на состојбите во партиите и, воедно, визијата. Кај ВМРО-ДПМНЕ преовладуваат оригинални проекти, соодветни на македонското тло и услови, а кај „отпорничката“ СДСМ се работи за универзална програма која би можела да се употреби каде и да е во светот, без потребното приспособување за потребите на оваа почва. Провејува чувството дека некој овде препишувал и забошотувал на часови.
Проекти vs „борба за слобода“
Можеби, некој требало да му каже на СДСМ дека програмата со т.н. столбови се покажа како погрешна и нефункционална. Преземена е од ЕУ, која одамна ја напушти како погрешна. Но, декларативните вљубеници во западните текови, очигледно, останале заробени во тоа време. Случајно или не, но тоа беше и нивното време на владеење, период пред речиси една деценија или поточно кажано осум години. Сепак, некој требало да им каже дека времињата се менуваат, но на Бихаќка, очигледно, тој абер сѐ уште не стигнал. И додека нивните ривали настапија подготвено и со конкретни бројки и цели, СДСМ, во стилот на македонските зимски служби кои секоја година среде зима се изненадени од снегот, се најде затечен од изборите, кои во Македонија ги има речиси секоја година. Проблемот е уште поголем кога треба да напишете нешто што едноставно не ви лежи и за кое треба претходно искуство, а се вика програма. Предизвикот е уште поголем ако во дваесет и нешто години постоење тоа и не ви било силна страна, а работите – независно дали сте биле на власт или не – сте ги решавале во од, односно стихијно. Велат навиката е лоша работа, а навикнувањето на „добрите“ и „убавите“ нешта е брзо, особено кога тоа подразбира дека ќе ви остане многу слободно време, кое, инаку, би го потрошиле на некаква си програма за избори, која уште пострашно, потоа – верувале или не – ќе треба да ја остварите!? Сето тоа бара многу работа и вложен труд, кој елитистички расположените партијци од Бихаќка не се подготвени да го вложат во вакви „бесполезни“ проекти кои наликуваат на тепање време бидејќи ветувањата, барем според претходното искуство, никогаш и нема да ги остварите, т.е. напишаното, како и секогаш, ќе остане таму каде што припаѓа – само на хартија.
Посигурно е постојано, па и во вашата т.н. програма, да зборувате за „слободата“, наводната борба со диктатурата, имагинарниот режим, тиранијата и што ли уште не. Овие флоскули не бараат отчет затоа што, реално, ќе треба да докажувате дали сте ја вратиле или не виртуелната слобода, наспрема фактот наречен отчет на пишаното во програмата, тешка непознаница за вашиот стил на политичка игра.
И потоа се лутите кога на улица погрдно ве нарекуваат „комуњари“, а вие како атавизми од минатото, во стилот на квазиборци за слобода, упорно сте заробени во народно-ослободителниот период и го користите вокабуларот од периодот на 1941-1945 година, небаре Македонија е повторно окупирана од Германците, Бугарите или, поверојатно, од луѓе со програма и визија, а вие како нов тип програмофоби не можете да го поднесете фактот што не ги разбирате тој концепт и потребата од чинот наречен програма, па противниците ви изгледаат како вонземјани.
Другиот проблем е кога во програма од 100 страници, кои, всушност, се само 70, половина од нив им посветувате на своите ривали. Во програмата на СДСМ повеќе пати ќе го прочитате името на ВМРО-ДПМНЕ отколку на тие што ја создале или, макар, препишале програмата, што би било пологично. Во овој дел, дефинитивно и неспорно, останувате оригинални – никој во светот толку пати во програмата не го споменал името на својот противник, ниту, пак, водел кампања на тој начин. Најголемиот дел од енергијата на Бихаќка е потрошена токму на анализите на владејачката партија.
Каракамишева-Јовановска: Разликата не е само во бројот на страници
Познавачите на состојбите се согласуваат за неспорните разлики во конципирањето на двете програми на партиите кои алудираат на власта во државава. Според проф. д-р Тања Карамишева-Јовановска од Правниот факултет во Скопје, проблемот на СДСМ е што ВМРО-ДПМНЕ со своето досегашно дејствување направи и наметна стил на политика и работа кои ја сменија претходната перцепција на граѓаните, стил во кој партијата од Бихаќка тешко се снаоѓа. СДСМ, едноставно, не може да се носи со таквиот победнички стил.
Каракамишева-Јовановска: Непобитен е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски, воспостави сосема нови стандарди и сосема поинакви вредности во политиката кои до денот кога тие дојдоа на власт воопшто, или само мал дел од нив, не беа практикувани на политичката сцена во Република Македонија.
Новата политика на Никола Груевски направи суштински промени и во перцепцијата на граѓаните за политиката и за политичарите. Една беше перцепцијата пред тоа, друга е перцепцијата потоа. Што е сосема нормално и за очекување.
Стилот на политичко ветување со конкретни проекти во кои има детални параметри по секоја основа (цел, реализација, време, финансиска конструкција итн.), проследен со јасна политичка одговорност за секое дадено ветување, како и конкретен отчет, е стил кој го наметна ВМРО-ДПМНЕ како победничка стратегија.
Тој победнички стил е уште подоминантен и уште поконкретен во новата изборна програма која, како никогаш досега, нуди рекорден број ветувања, па оттаму и уште повисоко ниво на политичка одговорност на водечката политичка гарнитура. Нема политички субјект, а уште помалку лидер на политичката сцена во РМ, што ќе може политички да се носи со такви програмски решенија и со таква содржина на политичка конструкција. Уште помалку гледам лидер кој на соодветен начин ќе може да му парира во политичката игра на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Не треба да си врвен познавач на политичките прилики и состојби во Македонија за да можеш да направиш споредба меѓу тоа што го нуди ВМРО-ДПМНЕ како изборна програма, од една страна, и тоа што го нуди СДСМ, од друга страна, вели Каракамишева-Јовановска. Не е во прашање само квантитетот, туку и оригиналноста и соодветноста на програмата на македонските услови.
Каракамишева-Јовановска: Не е само бројот на страници разлика меѓу двете изборни програми, иако и тој број не е за занемарување (сооднос кој е речиси еднаков со политичката разлика која реално ВМРО-ДПМНЕ ја има пред СДСМ), разликата е уште поевидентна во однос на оригиналниот пристап кој провејува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, кој е видлив во сите досегашни проекти и сопствени политики, проекти кои се автентични, македонски, кои произлегуваат од нашите потреби и нашите интереси, наспроти моделот на политика на столбови преземен од Унијата, кој, патем речено, е напуштен и од самата Унија бидејќи се покажа како исклучително нефункционален.
В очи паѓа и спротивставеноста на концептите и пристапот. Според професорката од Правниот факултет, разликата е очигледна и во однос на начинот на водење на изборната кампања. Имаме судир на позитивна наспроти негативна кампања.
Каракамишева-Јовановска: ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на делата и проектите што треба да ги претстави пред граѓаните, е насочена претежно кон позитивна кампања, кон афирмација на своите успеси и своите идни проекции. СДСМ води многу повеќе негативна од позитивна кампања, многу време и енергија троши во анализите на тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ и кои се неговите грешки отколку што се посветува на сопствената програма, на својата визија. Секој подобар советник за односи со јавноста, како и секој подобар аналитичар, би им укажал на таа грешка и би им дал совет да водат помудра кампања во која сопствената политичка приказна треба да им биде доминантна во кампањата, а неуспесите или евентуалните грешки на политичкиот противник да ги извлекуваат од својата приказна. Тоа во изборната теорија се нарекува водење контрастна кампања која има голема предност пред негативната кампања. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја има совладано таа лекција, а СДСМ треба да ја учи допрва.
Додовска: Политички памфлет vs сериозна програма
И доцент доктор Иванка Додовска од Правниот факултет смета дека кампањата за предвремените парламентарни избори почна во една интересно поларизирана политичка атмосфера. Тоа што го сочинува првиот впечаток во однос на самиот старт на предвремените парламентарни избори во Македонија, според неа, е во сосема различниот приод во секој поглед со кој партиите одлучија да ги претстават своите политички програми пред граѓаните. Програмата на СДСМ ја оценува како евтин политички памфлет, наспрема сериозната и комплексна програма на ВМРО-ДПМНЕ. Додовска е уверена дека и во следниот период, сѐ до 27 април кога ќе го имаме финалното соочување на политичките платформи и концепти и кога граѓаните конечно ќе го дадат својот суд за тоа кој ја заслужува нивната доверба, главната политичка битка ќе се одвива меѓу крупните политички партии, како во македонскиот така и во албанскиот блок.
Додовска: Во овој контекст неминовен е впечатокот дека досегашните искуства покажаа дека за сметка на малите партиски риби, од кои граѓаните до сега немаа ама баш никаков бенефит и кои докажаа дека не се рентабилни, со ова сакам да кажам дека истите досега немаа никаков „фидбек“ кон својот електорат и од тие причини станаа дегутантни за вкусот и за потребите на граѓаните, големите партиски блокови од десницата и од левицата во Република Македонија се единствените вистински носители на победата или на евентуалниот пораз кој ќе уследи врз основа на она што претходно го направиле и врз основа на она што допрва ќе го понудат пред електоратот преку своите нацрти и програми во трката за добивање на поддршката за следниот четиригодишен мандат.
За разлика од минатите, исто така, предвремени парламентарни избори од 2011 година, вели Додовска, на овие избори опозициската СДСМ излезе со изборна програма сочинета од стотина страници, а ВМРО-ДПМНЕ презентираше отчет за сработеното во периодот 2011-2014 година, по што ја промовираше и својата програма.
Додовска: Од понуденото во двете приложени изборни програми кај левицата и кај десницата можеме да констатираме дека Социјалдемократскиот сојуз има мал напредок во однос на разбирањето и третманот на македонскиот гласач, бидејќи, за разлика од претходните избори во 2011 година, како што веќе и споменав, деновиве понуди и на писмено што од прилика би правеле доколку ја освојат власта. Тоа што во секој случај ја претставува главната визија во социјалдемократската програма е носечкиот слоган насловен како „Промени за нов почеток – да ја вратиме средната класа“. Сметам дека тоа е тригерот што не само што ги изненади политичките противници туку истовремено повторно ја отвори Пандорината кутија од која, со излегувањето на оваа политичка порака, деновиве бевме сведоци на гласните негодувања од страна на граѓаните, кои горе- долу реагираат на следниов начин: „Како ќе ни ја вратите средната класа кога вие, СДСМ, ја уништивте?“ Оваа дилема, која извира од страна на електоратот, дополнително ја зголеми тензијата во СДСМ, особено по истакнувањето на кандидатите за пратеници од оваа политичка опција. Понатаму, при темелната анализа на трите столба со кои левицата се одлучи да допре до избирачкото тело, неминовно е забележливо отсуството на реален план, на визија и на сериозен приод кои се неопходни за една политичка платформа да доживее успех и да ја освои власта. Сума сумарум, со понуденото СДСМ застана и некако тромаво се заглави на првото скалило пред Пантеонот на победата, т.е. ја превиде веќе постигнатата цел за која се бореа македонските револуционери и преродбеници, илинденци и асномци, а тоа е веќе освоената тврдина на плурализмот и демократијата. Од тие причини, сметам дека социјалдемократската програма претставува политички памфлет кој реално не му ветува ништо ново и ништо реално на македонскиот гласач и не поседува никаква обврска и реален план дека нешто сериозно ќе сторат доколку застанат на чело на власта во Република Македонија.
Во контекст на тоа, ако се осврнеме на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и ако ја споредиме со политичкиот памфлет на СДСМ, оценува Додовска, ќе видиме дека таму станува збор за изборна програма која без никакво воздржување претставува една сериозна, темелна и мошне комплексна програма.
Додовска: Во оваа изборна програма се понудени низа стратешки приоритети и планови за наредните четири години, кои се распространети на нешто помалку од четиристотини страници. При темелната анализа на понудената изборна програма од страна на ВМРО-ДПМНЕ јасно се покажува континуираното развивање на сите општествено-политички сфери и во нив е имплементиран комплетно нов, свеж и растечки дух со кој оваа политичка партија цврсто и визионерски чекори кон реализација на актуелни, но и кон идни развојни цели кон кои сметаат дека треба да се стреми Република Македонија. Концепциски и на долг рок, таквиот приод и континуираниот тренд од страна на десниот блок во Република Македонија, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, слободарскиот дух и развојот како на македонското општество така и на секој поединец, остава огромен простор зад себе зад кој неумешно каска македонската левица, на чело со Социјалдемократскиот сојуз. Оттаму, неминовно е да се потсетиме и на еден сегмент од делото „Две расправи за власта“ од таткото на модерниот либерализам Џон Лок, а во кој најексплицитно се искажува состојбата што се отсликува во политичките програми кои се вистински одраз на дијаметрално спротивните параметри кои владеат во двете крупни политички опции во Република Македонија: „… Ниту добрината ќе исчезне, ниту расипаноста ќе биде искоренета, ниту љубовта ќе секне, ниту омразата ќе овене“. Од тоа што досега го видовме и од тоа што допрва треба да го видиме, сметам дека по овие избори во левицата ќе се случи дефинитивен колапс на децениски изградениот систем на функционирање или комплетно распаѓање и почеток на една комплетно нова политичка опција која ќе ја замени оваа безидејна политичка матрица. Но, да почекаме времето да покаже.
(Пишува: Љупчо Цветановски | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)