| четврток, 6 декември 2018 |

Се поправа покривот на манастирот „Св. Богородица“ во Вељуса

unnamed1

Во тек е санација на покривот на манастирот „Св. Богородица“ во струмичкото село Вељуса, проект одобрен во програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

– Реализацијата на овој проект ќе овозможи да се зачува изворниот изглед на манастирот, кој е бисер на средновековните споменици во Македонија и на кој досега се вршени само интервентни зафати за заштита од протекување, а поголеми санации не се изведувани во последните 30 години. Во рамките на санацијата, која ја вршат стручни лица за конзервација од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Струмица, се работи на комплетно чистење на надворешноста на објектот, како и на зацврстување на прозорците на куполите со специјални материјали. По санацијата ќе се продолжи со конзерваторските истражувања во делот на архитектурата на манастирот, фрескоживописот, подните мозаици, како и санација на влагата на дел од фасадата која е уникатна по начинот на изведба – велат од Министерството.
Манастирската црква „Пресвета Богородица Милостива“ е подигната од струмичкиот епископ Мануил. Овој сакрално-културен споменик и духовно средиште од 11 век зазема мошне високо место во македонската црковна и културна историја и е вреднуван како еден од најмаркантните културно-историски споменици на почвата на Македонија. Во манастирот се одвивала значајна творечка, препишувачка и преведувачка активност. За одбележување е некогашното богатство на колекцијата од икони со сребрени и позлатени опкови и со богата орнаментика. Манастирската црква до денес е активна и од 1996 година функционира како женски манастир во којшто се негуваат истите монашки вредности воспоставени уште во периодот на раното христијанство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top