
Украина може да ја затвори границата со Русија, изјави украинскиот заменик-министер за надворешни работи Данило Лубкивски.- Овој чекор ќе произлезе од тензичната ситуација во источна и јужна Украина – рече Лубкивски.
Според него, ќе бидат воведени и други, пред се дипломатски мерки, за излез од таа ситуација.
Во меѓувреме проруските сепаратисти, кои веќе два дена ја држат под контрола зградата на локалната администрација на источниот украински град Славјанск, го повикаа Кремљ на помош.
На прес-конференција во зградата на локалната администрација, сепаратистите објавија дека се дел од новата „Народна Република Донецк“ во источна Украина. Тие го повикаа рускиот претседател Владимир Путин да им помогне да се заштитат од украинските владини сили.
Лидерот на сепаратистите Вјачеслав Пономаров го повика Путин „лично да посвети внимание на тоа што се случува во Славјанск и да помогне онака како што може“.
– Ја повикуваме Русија да не заштитува и да не дозволи геноцид врз населението на Доњецк. Ние го повикуваме претседателот Путин за помош – изјави Пономаров, кој предводи група проруски активисти, кои ја презедоа контролата врз зградата.
Пономаров истакна дека централните власти испратиле денеска во Славјанск „илјада платеници и тенкови“ за да ја вратат контролата врз градот.
– Ние не влегуваме со судири со нацистите, изјави Пономаров и го повика населението да не крева паника.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


