| четврток, 6 декември 2018 |

Лични карти ќе се вадат и во други градови, надвор од местото на раѓање

licnikartimvr

Се олеснува вадењето на лични документи, а изгубените лични карти, пасоши и возачки дозволи ќе се огласуваат само во МВР, најавуваат во министерството. Досега, личните документи се издаваа само во местото на раѓање, а граѓаните што живеат на друго место мораа да патуваат до своето родно место за да извадат документи.

Граѓаните до крајот на годинава ќе може да вадат лични документи и во друг град, а со доплата, ќе може документите да ги добиваат дома или на работното место.

– Со „Службен весник“ имаме проект за олеснување на постапката за пријавување и огласување изгубени, украдени или неважечки лични документи. Досега граѓаните требаше прво да го огласат документот во „Службен весник“, па со потврдата да дојдат во МВР и да почнат процедура за издавање нов документ. Сега постапката е на еден шалтер. Граѓанинот кај нас истовремено и ќе го огласи и ќе почне постапка за нов документ – вели Иво Kотевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста.
Предноста, вели Kотевски, е во тоа што МВР има канцеларии на управните служби во многу повеќе населени места.
До крајот на годинава, најавуваат во МВР, ќе се зголеми и бројот на дисперзирани базни станици за издавање лични документи. Во моментов, такви базни станици постојат во Пехчево, Македонска Kаменица, Ново Село, Струмица, Драчево, Ѓорче Петров и Бутел.
Kол-центарот за закажување термин за аплицирање за лични документи ќе се прошири и ќе ја опфати цела територија, па граѓаните ќе може телефонски, преку интернет или преку СМС да закажат термин за документи во целата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top