По големиот триумф над Манчестер сити во Премиер лигата, „главоболките“ на тренерот Брендон Роџерс допрва почнуваат.
По големото славје, никој на „Енфилд роуд“ не беше свесен за проблемите кои може да следуваат. По директниот црвен картон во финишот од дербито, Џордан Хендерсон ќе отсуствува три меча од останатите четири, колку што има до крајот на сезоната во Англија. Тоа значи дека стандардниот играч во текот на сезоната ќе отсуствува од натпреварите против Норич, Кристал Палас и во дербито против Челси. Тој ќе се врати од паузата дури во последното коло против Њукасл.
Поголем проблем тимот од Ливерул може да има со повредата на Даниел Стариџ, кој оваа сезона е фантастичен. Во натпреварот против Сити тој беше заменет од Виктор Мозес. Ако повредата е посериозна, тој нема да може да игра во дербито против Челси што ќе се игра на 27 април. Ливерпул ќе биде во огромни проблеми бидејќи главната алка во нападот заедно со Луис Суарез нема да игра, а на клупата Брендон Роџерс нема достојна замена.
По црвениот картон на Хендерсон, најверојтно, шанса во првите 11 треба да добие Лукаш Леива, кој успешно закрепна од повредата, но во случајот со Стариџ неговата замена Мозес нема право да игра против Челси бидејќи е позајмен играч од сините.
По сето тоа, на управата и на навивачите на „црвените“ не им останува ништо друго туку да се надеваат дека повредата на Стариџ е мала и дека тој ќе биде подготвен за дербито во кое, најверојатно, ќе се одлучува новиот шампион на Англија.
Во трката за титулата се и Челси и Манчестер сити. Челси заостанува само два бода зад Ливерпул и Манчестер сити, кој заостанува седум бода, но има и два натпревара помалку.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.