| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува изборната кампања

избори

По дводневниот прекин поради одржувањето на првиот круг од претседателските избори, денеска продолжува кампањата за предвремените парламентарни и за вториот круг претседателски избори.

Во првиот круг на претседателските избори што се одржаа вчера кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, освои 448.303 гласа (51,65 отсто), а кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, 326.069 гласа (37,57 отсто). Според првичните неофицијални резултати што ги објави Државната изборна комисија по обработени 99,72 проценти од избирачките места, за кандидатот на Демократската партија на Албанците, Илјаз Халими, гласале 38.965 гласачи или 4,49 проценти, додека за кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски, 31.360 гласачи, односно 3,61 проценти.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

За парламентарните избори се поднесени 14 листи на кандидати за пратеници, и тоа од пет коалиции и девет партии. Познати се имињата на кандидатите за пратеници, а утврден е и редоследот на избирачкото ливче. Течат роковите во врска со избирачкиот список. ДИК треба да го потпише заклучениот избирачки список, односно изводите од списокот на кои се гласа најдоцна со 17 април.

Најдоцна до овој датум учесниците во изборната кампања треба да поднесат финансиски извештај за приходите и расходите на жиро-сметката за изборната кампања за првите десет дена од кампањата.

Резултатите од испитувањето на јавното мислење за предвремените парламентарни избори се објавуваат најдоцна до 22 април.

Кампањата за предвремените парламентарни и за вториот круг претседателски избори завршува на 25 април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top