Како се чувствувате кога ќе ја слушнете шегата за дијаспората во која нашинецот дал пет долари за Македонија, ама ако треба ќе даде уште пет за да ја биде земјата?
Колоски: Смешно, но и трагично е што овој стереотип сѐ уште преовладува во јавно мислење во Македонија и покрај сите работи што ги има направено дијаспората за татковината. За жал, претставата што ја имаат Македонците за дијаспората е дека нам ни е лесно овде и забораваме на тешкотиите со кои Македонците во Македонија секојдневно се соочуваат.
За тешкотиите со кои се соочуваат фамилиите по заминувањето од својата татковина знам од искуството на мојата фамилија. Моите родители пристигнале во САД немајќи ништо. Им било тешко да го научат англискиот јазик, да најдат работа и да создадат фамилија, како и да се приспособат во новото општество. Верувајте, тие немале работа зад компјутер во канцеларија, туку секој долар бил, и сѐ уште е, тешко заработен. Но, сепак, луѓето во дијаспората успеале да се организираат во црковни општини, културни центри и во други организации со цел да ја зачуваат македонската култура, идентитет и јазик. Исто така, успевале и сѐ уште успеваат да им испратат пари на другите членови од фамилијата во Македонија. Пет долари се пет долари, и секој долар ѝ помага на Македонија. Но, верувајте, се праќаат повеќе од пет долари, и ако не е дијаспората, економијата во Македонија би била уште послаба.
Вашата организација се вика Обединета македонска дијаспора, но кај дел од познавачите на околностите има чувство дека, сепак, дијаспората не е обединета колку што треба.
Колоски: Името на нашата организација е Обединета македонска дијаспора бидејќи имаме за цел да ја обединиме дијаспората во целиот свет во една координирана акција за помош на Македонија и на македонската кауза.
Вистина, сѐ уште имаме многу работа пред нас, но мислиме дека сме на добар пат. За жал, многумина би сакале да ја видат дијаспората разделена, но ОМД верува дека само обединети можеме да работиме во корист на Македонија.
Во Америка функционираат и други организации на Македонците, но и такви што го носат префиксот македонски, но имаат други цели. Како соработувате со другите македонски здруженија и, на пример, може ли да се соработува со Македонската патриотска организација (МПО).
Колоски: За жал, МПО е организација предводена од симпатизери на пробугарската политиката и пропаганда за Македонија. Ако ја посетите веб-страницата на МПО ќе најдете линкови што директно водат до Бугарската академија за науки и за уметност каде што се зборува за некаква бугарска историја на Македонија и на македонскиот народ. За жал, политиката на некои дипломати на Македонија била да се соработува со МПО и оваа политика неколку пати нѐ има ставено во непријатни ситуации. ОМД се оградува од ваквите непродуктивни пропаганди од страна на бугарофили и на гркомани. ОМД работи да ги обедини сите тие што се чувствуваат како Македонци и што имаат македонско потекло.
Како соработувате со албанската заедница по потекло од Македонија што живее во Америка?
Колоски: ОМД соработува со албанските и со други заедници во зависност од активностите. Во мај 2012 година, заедно со Албанско-американската национална организација коспонзориравме дискусија во библиотеката на Конгресот на САД за животот и за делото на познатиот албански писател со македонско етиничко потекло Штерјо Спасе. Дискусијата беше позитивно прифатена од страна на македонската и на албанската заедница.
Колку Македонци има во САД , колку од нив се македонски државјани, а колку американски?
Колоски: Наша процена е дека во САД има околу половина милион Македонци. Меѓутоа, немаме податоци за бројката колку од нив се државјани на која било од двете земји.
Дајте општа оцена за тоа што направи ОМД во последниве години за РМ.
Колоски: Република Македонија сега има професионална, ефективна, почитувана и координирана дијаспора со седиште во Вашингтон од која може да очекува безрезервна помош. Беа потребни цели девет години за ОМД да биде медиум на македонскиот глас во Вашингтон.
Што е долгорочната стратегија и цел на ОМД?
Колоски: Нашата долгорочна стратегија и цел е секоја држава во светот да ја признае нашата татковина под нејзиното уставно и правилно име – Република Македонија, како и Македонците низ светот да ги уживаат своите човекови права.
Понатаму, цел на ОМД е да обезбеди претставништво и глас за целата македонска дијаспора во најголемите центри во светот. Првичната цел на ОМД е да го обедини македонскиот народ и неговите интереси. Активностите на ОМД се фокусирани кон промоција на нашето македонско, историско, духовно и културно наследство, како и промоција на македонската традиција во рамки на различни едукативни и добротворни програми. ОМД смета дека успехот и добросостојбата на македонските заедници низ светот е од извонредна важност за успехот и за добросостојбата на Република Македонија.
Зошто Хилари Клинтон не дојде во Македонија?
Колоски: Навистина тешко прашање. Прво, жалиме што државната секретарка Хилари Клинтон реши по четврти пат да не ја посети Македонија на својата тура низ Балканот. Вината не можеме да ја бараме во други, освен во самите нас. Имавме одлична можност за средба во март 2011 година кога премиерот Груевски беше во САД. Но, за жал, посетата на Премиерот не беше организирана на највисоко ниво, не беше договорена заедничка конференција за печат, па така ние, како Американци со македонско потекло, се почувствуваме навредени.
Дадовме сѐ од себе да лобираме остварување посета на Клинтон за време на оваа дипломатска тура. Во Вашингтон постојат неколку различни мислења во врска со неостварената посета на Клинтон. Едни велат дека причината е сѐ уште нерешеното прашање за името, а други велат дека доколку Клинтон ја посети Македонија, ќе мора да ја посети и Грција. Но, ние сметаме дека ова се само изговори бидејќи Клинтон веќе ги посети и Бугарија и Грција, како и повеќето други балкански земји, освен Македонија. Иако во моментов, Балканот и Македонија не им се приоритет на САД, сепак сметаме дека доколку некој американски државник доаѓа во посета на Балканот, тогаш би требало да ја посети и Македонија, која воедно е еден од најголемите учесници во мисиите на НАТО и во Авганистан.
Како функционира македонската група во Конгресот?
Колоски: Групата е формирана во април 2011 година од страна на членката на Конгресот Кандис Милер од државата Мичиген. ОМД и Македонците од Мичиген одиграа најголема улога во формирањето на оваа група. Оттогаш, групата има 16 члена од кои последните шест се приклучија во последните три месеци. Во групата имаме и републикански и демократски претставници, но повеќе има демократи. Во март 2011 година, пред самитот на НАТО во Чикаго, 54 членови на Конгресот од Конгресната група испратија писмо до претседателот Обама од кого побараа поддршка за Македонија за членство во НАТО.
За кого ќе гласаат нашинците на изборите во САД?
Колоски: За тој што ќе ја подобри економската ситуација на САД. Сепак, ова е само мое лично мислење. Прво се надевам дека сите Македонци во Америка што имаат право, ќе гласаат – тоа е најважно. Добро е што сѐ повеќе Македонци во Америка се интересираат за политичките прашања на САД.
Може ли да се смени нешто доколку победи Ромни?
Колоски: Ако станува збор за Македонија, и доколку победи Ромни, сѐ ќе зависи од тоа кои ќе му бидат советници за Балканот и за НАТО.
Познавам неколку луѓе вратени од САД во Македонија. Зошто нивниот број не е поголем?
Колоски: Од 2006 година наваму, вратите на дијаспората се поотворени кон татковината. Познавам две-три личности што се имаат вратено во Македонија во последните неколку месеци и сигурен сум дека овој број со текот на годините ќе расте. На пример, мојата сестра се пресели на кратко во Македонија, но се врати во САД бидејќи системот во Македонија е многу поинаков од тој во САД. Се разбира дека е полесно да се вратат во Македонија тие што дошле во САД на студии, отколку ние што сме родени и пораснати овде.
Зошто Македонците слабо инвестираат во својата родна земја?
Колоски: За ова прашање беше дискутирано за време на третата глобална конференција на ОМД во Вашингтон, каде што беа поканети луѓе на панел-дискусија за јавно да се дискутира за ова прашање. Одговорот најчесто беше недовербата во судството во Македонија, кое, за жал, е сѐ уште многу исполитизирано и има потреба од реформи. Но, дефинитивно, има големо подобрување. Од друга страна, негативното искуство за време на транзицијата во деведесеттите години од минатиот век претставува уште една пречка за инвестирање во Македонија. ОМД верува и работи за зголемување на бројката на инвеститори од дијаспората. Но, мораме да разбереме дека секоја инвестиција е добредојдена колку и да е мала, без разлика дали е од 10.000 или од 500 милиони долари.
Колку е лесно нашинците во САД и во Канада да се вклучат во битката за каузата?
Колоски: Морам да нагласам дека во последните девет години битката за македонската кауза е олеснета преку организациите на дијаспората предводени од ОМД. Па, затоа е полесно за луѓето да се вклучат во координирана акција за Македонија.
Во последно време не сме чуле за директна вклученост на некој од големите македонски милионери во САД и во Канада во лобирањето, дали е тоа тајна операција или нема таква вклученост? Како се борите со грчкото лоби во САД?
Колоски: Голем број од големите македонски милионери во САД и во Канада се членови на ОМД и редовно ја поддржуваат нашата работа. На пример, фамилијата Илич и нивното членување во ОМД одигра огромна улога во формирањето на македонската група во Конгресот на САД.
Секако дека наидуваме на чести и многубројни пречки од страна на грчкото лоби. По секоја остварена средба во Вашингтон, тие веднаш закажуваат состанок со истите луѓе обидувајќи се да нѐ дискредитираат. Од исклучителна важност е што сме тука и дејствуваме и имаме шанса да ја претставиме македонската перспектива во Вашингтон. Извојувана е голема победа со оглед на тоа што до пред само неколку години грчкото лоби имаше целосен монопол над Вашингтон, а македонскиот глас не беше присутен. Затоа, би нагласил дека самото наше дејствување во Вашингтон е соочување со грчкото лоби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.