Група бранители предводени од лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов денеска пред Собранието упатија порака до како што велат, преостанатите патриоти, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат против предлогот на премиерот Никола Груевски Талат Џафери, алијас командант Форина да стане министер за одбрана.
Пред Собранието беа поделени брошури со биографијата на Талат Џафери од периодот на конфликтот во 2001 година, како и делови од Кривичниот законик за тоа какви дела сторил Талат, без разлика што припадниците на УЧК се амнестирани.
„Премиерот Никола Груевски од ВМРО го предлага командантот Талат Џафери од УЧК за министер на македонската армија. Истата онаа армија против која Талат се бореше во 2001 година. Истата онаа армија чии војници Талат ги убиваше или даваше наредби да се убиваат. Ако Талат толку сака да биде министер, нека биде министер за земјоделие. Тоа што го ставаат министер за одбрана е само ставање сол на рана“, изјави Ангелов кој ги повика пратениците да се спротивстават на ваквиот предлог.
„Ги повикувам сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои во срце останале вистински вмровци и за кои сум убеден дека се уште ги има во ВМРО-ДПМНЕ. Соберете се барем десетина и не гласајте за овој понижувачки предлог. Само 9 вистински вмровци од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се доволни за да се избегне оваа национална катастрофа. Гласавте за амнестија на злосторници, гласавте за амнестија на ѕверови кои сега се шетаат на слобода, без страв од казна. Прекинете веќе еднаш со вашето наведнување глава. Разбудете го човечкото во вас. Разбудете го патриотското во вас. Кренете ја главата и кажете му “не“ на вашиот партиски претседател. Еден ден и вашите деца, и вашите внуци ќе се срамат од вашите постапки.“, порача Ангелов.
Според него, тоа што Министерството за одбрана веќе закажало свеченост и примопредавање на функцијата министер за одбрана на Талат Џафери, а Собранието уште не го изгласало, само зборува за актуелната политичка состојба и немоќта на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ се спротистави на ДУИ.
„Во биографијата има една празнина, го нема делот од неговите “славни“ командантски денови од 2001 година. Дали на Талат му е непријатно од неговите дезертерски и командантски денови или Груевски го замолил да биде скромен. Откако ја исчитав биографијата на Талат, по којзнае кој пат, почнав да го читам Кривичниот законик на Република Македонија. Читам и пресметувам. Ако законот доследно се применеше, односно ако Талат живееше во нормална држава во која се почитува законот (да си замислиме дека живее во САД) за делата што ги има сторено би бил осуден на минимум 100 години строг затвор. А, во нашата чудесна земја, волшебната Македонија, пратениците од Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократската Партија за Македонско Национално Единство, по предлог на “револуционерот“ Никола Груевски, кој е од истата таа Внатрешна Македонска Револуционерна Организација, истиот тој Талат ќе го изберат за министер за одбрана на државата која тој ја нападна пред 12 години со намера да отцепи дел од нејзината територија. Каква перверзија… Вооружениот напаѓач, командантот Форина, отсега натаму ќе ја брани својата жртва… Оној што пред 12 години пукал или давал наредби да се пука по македонските војници од денес натаму најверојатно ќе командува со нив. Ќе им дава наредби да пукаат…“, вели лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.