Хрватскиот дневен весник „Јутарњи лист“ во својата репортажа посветена на Охрид, пишува дека е доволно да ги слушнете брановите, да се загледате во бескрајното синило и да се вљубите во „македонскиот Ерусалим“.
-Езерото е прогласено за светско наследство и е под заштита на УНЕСКО. Тоа е едно од најдлабоките и најстарите езера во Европа, со повеќе од 200 ендемски видови во него. Се претпоставува дека е старо меѓу 4 и 10 милиони години, со што се вбројува во светските реткости, стои во статијата.
Незаборавно искуство, пишува „Јутарњи лист“, е нуркањето во бистрите езерски води, меѓу атрактивните ендемски животни облици, како што е охридскиот сунѓер. Езерото е богато и со подводни извори низ целиот источен и јужен брег, што ја прави водата неверојатно бистра и чиста со прозирност од неверојатни 22 метри.
Најголемиот дел површински извори се кај манастирот „Св. Наум“, а до самиот град е и еден од најпознатите извори – Студенчишта или попознат како „Билјанини извори.
-Градот Охрид е познат и како „Вечниот град“ и важи за најважниот образовен центар и вистинска колевка на писменоста кај словенските народи. Тука е и најстариот универзитет во Европа од IX век, пред се благодарение на дејноста на Св. Климент и Св. Наум.
Античкиот историчар Тит Ливиј го споменува Охрид како „градските ѕидини на Лихнидос“ во 3. век пред Христос, а првиот поголем запис за него датира од 5. век, кога градот се бранел од нападите на племињата за време на Големата преселба на народите. Тврдината се користела и во римско и во византиско време, а во времето на цар Самуил била значително проширена, пишува хрватски „Јутарњи лист“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.