| четврток, 6 декември 2018 |

МОСТ апелира за фер, демократски и мирен изборен процес

дарко 2

Првиот круг од Претседателските избори 2014, Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го следи со 580 набљудувачи, број со кој ќе се покријат исто толку гласачки места во Република Македонија. Со овие набљудувачи ќе се покријат 15 проценти од гласачките места во целата држава, односно 15 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови.

-Граѓанската асоцијација МОСТ упатува уште еден апел за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес, кој што им е повеќе од потребен на граѓаните на Р.Македонија. МОСТ верува дека учесниците во изборниот процес ќе покажат демократска култура и политичка волја и ќе ги стават државните пред партиските интереси, а граѓаните слободно ќе ја изразат својата волја – рече Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ.

Жолтите маици, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано „Мониторинг 2014“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица и овластување исклучиво од овие избори.

Граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе може да се јават на бесплатниот телефонски број 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни на кое избирачко место гласаат, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четри конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот.

Проектот „Домашно набљудување на Претседателските и Предвремените парламентарни избори 2014 “ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од страна на Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за меѓународен развој и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top