Во интервју за официјалната страница на Европската ракометна Федерација (ЕХФ) Индира Кастратовиќ ги најавува амбициите на Вардар за европската титула, но и се потсети на времињата кога со Кометал Ѓорче Петров се искачи на врвот на стариот континент.
На почетокот на мај, на 3 и 4 популарната Инди ќе ги предводи Вардарки во нов поход кон ракометната европска круна.
„Кога го започнавме овој проект, голем дел од луѓето гледаа со скептицизам и беше многу тешко да се донесат овие ракометарки во Скопје. Но Вардар СЦБТ прераснува во одлична приказна и добро е тоа за македонскиот клупски ракомет, бидејќи тука луѓето многупати докажале дека го сакаат ракометот”, вели Кастратовиќ.
Вардар ќе игра со Будуќност во полуфиналето на 3 мај во Будимпешта, а ако победи следниот ден ќе игра за титулата против подобриот од дуелот меѓу Ѓер и Митјиланд.
Кастратовиќ се потсети на 2001 година кога Кометалки направија подвиг и со успех против Ларвик во финалниот двомеч ја освоија Европа.
„Во полуфиналето во Лигата на шампионите, бевме поразени во Норвешка со седум разлика од Ларвик и тоа беше многу разочарувачки резултат за нас. Сепак, во стартните минути од реванш натпреварот во Скопје поведовме со 9:1, и се што требаше да направиме е да ја одржуваме разликата”, изјави Индира со дополнување дека славјето во Скопје било величенствено.
„Се сеќавам како да беше вчера. Целата земја беше во еуфорија, илјадници луѓе беа излезени на улиците и на плоштадот. Таквото чувство можеш да го доживееш само еднаш во животот и убедена сум дека само македонската публика знае како да направи да се чуствуваш како победник”, коментира сегашниот тренер на ЖРК Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



