Се сеќавате ли на Стефан Плескоњиќ? Чудото од дете што сликаше од три години. Тој беше првото дете, кое на пет години влезе и беше примено во зградата на НАТО во Брисел. Тогашниот генерален секретар, Џорџ Робертсон бил одушевен од талентот на младиот уметник нарекувајќи го „голема придобивка на својата земја“.
Стефан е роден на 1 април 1995 година во Скопје. Деновиве тој наврши 19 години. И покрај ваквото светско искуство, Стефан е скромно, културно момче, кое не отскокнува посебно од своите врсници. Тој, нормално, се дружи, рекреира, спортува, посетува часови по англиски јазик. Матурант е во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и се подготвува за матурскиот испит.
Македонската јавност го памети како талентирано момче, кое одушевуваше со своите сликарки дела. Критичарите го нарекоа Моцарт во областа на уметноста… Каде е денеска Стефан Плескоњиќ?
– Денеска сум во завршната година од средното образование, матурант во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и интензивно се подготвувам за сите матурски испити, проекти и задачи – ни рече Стефан.
Многумина од посетителите на неговите изложби во тоа време беа изненадени од квалитетот на сликите на Стефан, особено поради неговата младост. Ликовниот критичар Борис Детковски рече дека Плескоњиќ работи како големите уметници Џексон Полок и Марк Тобеј. Притоа тој му претскажа голема иднина на Стефан.
Уметноста и понатаму е дел од неговиот живот.
– Да, се разбира дека уметноста сѐ уште е дел од моето живеење, растење, созревање, постоење, па нели животот е уметност? Секако дека во меѓувреме ми се случуваат и други нешта, активности поврзани со секојдневието на еден млад човек- излегувања, дружења, спортски активности и ред други работи, кои секој млад човек на мојата возраст ги практикува – вели Стефан.
Академскиот сликар Киро Урдин го откри талентот на малиот Стефан. Тој рече дека Стефан е „мал уметник, но со голем талент”. Додека Христо Друмев, директорот на Националната палата на културата во Бугарија изјави „доаѓа една нова ѕвезда, ѕвезда на 21 век“. Со оглед на тоа дека како тинејџер има и други преокупации и обврски го прашавме дали слика во меѓувреме?
– Сликав и сѐ уште сликам, но со намален интензитет, разбирливо со оглед на годините што ги имам, активностите и обврските, но се разбира дека секогаш имам енергија за поривот што ме води кон креација – раскажува Стефан.
Тој продолжи да раскажува за тоа како изгледа процесот на сликање. Вели дека нема однапред смислена идеја, ниту наслов за сликата.
– Кај мене, во моето сликање сѐ е спонтано и се одвива со голема брзина, многу пати сум зборувал на оваа тема и, можеби, звучи неверојатно, но тоа е вистината. Целиот процес на создавање на едно дело трае најмногу 20 минути, 20-минутно празнење на енергијата и на емоциите, кои се оформуваат на белите површини. Кога бев мал велев „ сликам кога ќе ми дојде“. А, што се однесува до именувањето, тоа се случува по завршувањето на делото или, можеби, никогаш и затоа во мојата збирка имам и такви дела, неименувани – вели тој.
Своите први слики ги направил кога имал две години. Прва изложба имал на тригодишна возраст во манастирот во село Теово, а истата година имал самостојна изложба во уметничката галерија „Стоби“. За тоа како се случи да го понесе уметноста и кој е „виновникот“ за тоа Стефан вели:
– „Виновник“ е малку тежок збор ако ја знаете мојата сликарска приказна. Божјата промисла, волја и дарба се поврзани со мојата прва, но и со другите 17 изложби. Имено, далечната 1998 година, поточно на 17 мај ,на осветувањето на манастирот „Св.Архангел Михаил“ во селото Теово, чијшто ктитор е мојот дедо прота ставрофор Стојко Ристовски, се случи мојата прва изложба. А причината за моето сликање или тогаш т.н. „игра со бои“ е директно поврзана со овој настан. Додека се градеше манастирот наслушав еден разговор меѓу баба ми и дедо ми поврзан со финалните подготовки. Јас тогаш бев момче на одвај три години, наслушувајќи дека веќе сѐ е готово, освен што во конакот недостигаат слики, почнав да сликам… И веќе тој период зад мене е историја во мојата сликарска биографија – ни раскажа Стефан.
Неговите дела беа поставени и во седиштето на НАТО во Брисел, во Македонскиот центар во Њујорк, за Денот на независноста изложуваше во Вашингтон, одржал и многубројни самостојни изложби во повеќе наши градови, како и во Варшава, Париз, Белград, Истанбул, Монмартр…За тоа што значеле за него изложбите во мошне значајни светски галерии и институции, како и средбите со високи политичари, ликовни критичари… Како го доживеал сето тоа, Стефан вели дека за него биле мошне спонтани и природни нешта.
– Ако направам една ретроспекција, во годините на моите почетоци, а се сеќавам многу јасно дека сите изложби – вкупно 18, средби со премиери, претседатели, дипломати, кралски семејства, генерални секретари на НАТО, дури тројца: Робертсон, Шефер, Расмусен, патувањата во големите светски метрополи, како што се: Брисел, Париз, Софија, Варшава, Истанбул, Стокхолм, Њујорк, Вашингтон…, можеби ќе звучи нескромно, ги доживував сосема природно и нормално. Но, гледано денес, од оваа дистанца, на 19 години, со гордост можам да кажам дека достојно и гордо ја претставувам мојата Македонија, секогаш и секаде под македонско знаме – вели Стефан.
(Пишува: Невена Поповска | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.