Кампањата за претседателските избори закажани за утре, 13 април, заврши синоќа на полноќ. Денеска е изборен молк, а поради изборите, според одлуката на ДИК, дводневен прекин ќе има кампањата за предвремените парламентарни избори.
Првпат оваа година на претседателските избори ќе има можност да гласа и дијаспората. Македонските државјани кои работат или престојуваат во странство, а кои се пријавиле за гласање, како и внатрешно раселените лица, затворениците, болните, изнемоштените, војниците и оние во домашен притвор ќе гласаат утре на ден пред изборите.
Граѓаните својот глас ќе можат да го дадат за четворицата кандидати.
Право на глас, според единствениот Избирачки список, на петите избори за претседател во недела имаат еден милион 779 илјади и 572 избирачи. Во посебните изводи на избирачи кои се наоѓаат во изводите на гласање се запишани еден милион 707 илјади и 228 гласачи. Вкупен број на избирачи кои се на привремена работа и престој во странство се 70.305, а од нив право на глас имаат 8.332, кои се пријавиле за гласање. Во ИЕ 7 (Европа и Африка) се пријавени за гласање 5.892 македонски државјани (Европа и Африка), во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка)-1.426 и во ИЕ 9 (Австралија и Азија) 1.014. Во средата во ДИК гласаа и 294 членови на избирачките одбори кои ќе ги спроведуваат изборите во дијаспората.
Денеска ќе гласаат и 1.706 затвореници, 39 внатрешно раселени лица, како и болните и немоќните лица.
Гласањето во недела кое ќе почне во 7 и ќе заврши до 19 часот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во Македонија и 34 во дијаспората. Оваа година бројот на избирачките места во земјата е зголемен за 504 имајќи ги предвид измените во Изборниот законик според кој во едно гласачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.
Претседателските избори ќе ги следат 8325 домашни и 326 странски набљудувачи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.