Градот Кавадарци е сместен во југозападниот дел на Повардарието и претставува центар на Тиквешко. Иако препознатлив по гроздовите напивки, градот своето име го добива од зборот „кавадион“, кој значел наметка од специјална ткаенина, која луѓето што живееле таму ја изработувале за царевите, беговите, пашите…
Лозарството во Тиквеш има долга традиција. Тиквешкиот регион во минатото бил најголем лозарски регион во Македонија и на Балканот. Постои легенда според која во Тиквеш, како најсушен регион во Македонија, повеќе имало вино отколку вода. Во некои тиквешки села постојат остатоци од куќи ѕидани со непечени тули-плитар при што тулите и калта биле правени со вино. По балканските војни и по Првата светска војна, лозјата во Тиквеш биле уништени од штетникот филоксера. Од 1930 година постепено се обновувале лозовите насади калемени врз американска подлога.
Градот Кавадарци е познат и по производство на најквалитетен опиум
Освен по виното, градот Кавадарци е познат и по производство на најквалитетен опиум. Тој се добива од афионот, а морфиумските единици во кавадаречкиот афион биле посилни од најсилните во светот, кои тогаш биле од Анадолија. Кавадаречкиот афион достигнувал околу 12 морфиумски единици, за разлика од другите, кои максимално достигнувале до седум. Постарите раскажуваат дека кога во минатото кавадарчани оделе по лозјата и немало градинки или кој да им ги чува децата, за да бидат мирни им ставале малку да мириснат од морфиумот за да се успијат.
Постарите кавадарчани ја паметат и со задоволство ја прераскажуваат приказната за кавадаречкото тепе, која говори за тоа како градот Кавадарци станал средиште на тиквешкиот регион во рамките на Турската Империја, која само го потврдува големото ривалство со најблискиот сосед, Неготино. По изградбата на пругата Париз – Истанбул на која возел легендарниот „Ориент експрес“, таа минувала веднаш до Неготино, па солунскиот валија, кој бил главен за тогашна Македонија, поради блискоста на пругата проценил дека Неготино треба да биде центар на Тиквешката нахија. Тоа било локална единица, слична на денешните општини. Валијата пратил делегација за да ја донесе таа одлука, но кавадаречките бегови дознале за планот и за посетата на делегатите во Неготино и кога требало да стигнат од Солун, беговите направиле итроштина. На денот кога солунската делегација требало да пристигне во Неготино за да го види градот и да ја соопшти одлуката на валијата, кавадаречките бегови се стационирале во Демир Капија, пред чиновниците да стигнат на својата дестинација. Таму се качиле во возот, ја пречекале делегацијата, ја префрлиле во кочии и ја одвеле преку Дисан до Кавадарци, заобиколувајќи го Неготино за воопшто да не го видат. Кога стигнале, ги качиле токму на овој рид – кавадаречкото тепе, од каде што го има најубавиот поглед на Кавадарци. Им го покажале градот, а на солунските делегати многу им се допаднал, па така го одредиле за седиште на тиквешкиот османски регион, мислејќи дека тоа е Неготино. Потоа следувала неколкудневна гозба во која им приредиле многубројни задоволства за да ја „заверат зделката“, а од тука со возот ги вратиле во Солун. На овој начин, со итроштина Кавадарци станало седиште на Тиквешката нахија.
Музејот на вкусови е идентитет на градот
Единствениот музеј од ваков вид во земјава или музеј на вкусовите, како што се нарекува, е личната карта на Кавадарци. Петстотини експонати се распоредени во неколку нивоа, а претставено е и производството на вино и на храна. Во овој објект се собрани минатото и традицијата на овој град. Зградата на поранешниот младински дом е целосно реконструирана. Директорот на Музеј и галерија Кавадарци, Петре Камчевски вели дека поставките се прекрасно средени, а се доуреди и дворот на музејот.
– Музејот е поделен во неколку делови во кои е претставена постапката за подготовка на храната во Тиквешко од неолитот, преку античкиот и византискиот период, сѐ до времето на османлиското владеење, кога и подготовката на лебот и на погачите имало посебно значење. Има многу интересни експонати, дел се наши, а зедовме и од други музеи, но и од приватни колекционери, како Драганчо Димовски, семејството Велкови и други – вели Петре Камчевски.
Кавадарци е надалеку познато по лозарството. Првата винарска визба е основана од семејството Велкови во 1885 година и е најстарата во Македонија. „Тиквеш“ го основал Пане Велков заедно со својот син Ристо. Тие прво биле само производители на грозје, но со изградбата на железничката пруга Белград – Скопје – Солун, грозјето од Тиквешко почнало да се извезува на пазарите во Србија и во Грција. Тука доаѓале трговци од целиот Балкан, кои престојувале во тогашните анови и откупувале грозје, кое во најголемиот дел го носеле во Ниш, Лесковац, Врање, Крушевац и во Белград. Кога сопствениците увидуваат дека заработката би била многу поголема доколку отворат сопствена винарска визба, Пане Велков ја основа винарската визба „Тиквеш“. На почетокот таа имала мал капацитет и преработувала некаде 30 до 70 илјади килограми грозје годишно, во најголем дел во ракија, вино, гроздов сок, а помалку коњак и мастика. Потоа, кога винарската визба ја наследува синот на Ристо Велков, Александар, винарската визба се проширува и нејзиното годишно производство расте на 250 до 300 илјади килограми грозје годишно, што во тоа време било огромно количество. За потребите на винарската визба тие направиле неколку корита. Тоа биле корита од дабово дрво, со димензии 5 на 5 метри и високи по 2 метра, кои собирале од 30 до 40 илјади килограми грозје. По 20-ина натоварени магариња со кошеви се растоварале во коритата, а аргати завиткани со „долги гаќи“ го газеле грозјето, кое се префрлало во крмни, па во буриња, за потоа да го помине целиот процес на преработка. Александар Велков, иако набавил повеќе модерни машини за обработка, сепак избегнувал да го меле грозјето машински.
– Гревота е божјата крв, виното да се меле со помош на железо – велел и претпочитал тоа да се прави со нозе.
Петар Муличковски е автор на Спомен-костурницата
На тепето е подигната Спомен-костурница каде што се наоѓаат моштите на 352 загинати борци во НОБ. Нејзината форма е слична на стара македонска куќа од тиквешкиот крај, што симболизира вечен дом на тие што се бореле за слободата на Македонија. Во нејзината внатрешност на гранитни плочи се испишани нивните имињата. Таа е изработена од бетон, а нејзин автор е Петар Муличковски, професор на Архитектонскиот факултет.
Во почетоците, за потребите на визбата набавил огромни буриња, кои тежеле од 5 до 10 илјади килограми, а бидејќи не можело да ги собере во подрумот, материјалот го носеле од Рилскиот манастир за мајсторите да ги направат бурињата на самото место во самата визба. Подоцна Александар го наследува неговиот син Пане Велков, кој ја презел целата работа околу винарската визба. Ова е еден редок пример во кој со векови наназад, едно цело семејство од колено на колено веќе 130 години работело на производството и на афирмацијата на „Тиквеш“ за да стане марка каква што е денес.
Во хотелот „Балкан“ постои лозово дрво старо 120 години
Хотелот „Балкан“ е најстарата градба во Кавадарци, а сега работи како ресторан. Изграден е далечната 1928 година, во хотелот е одржана првата театарска претстава во градот, а таму се одвивал и културниот живот на Кавадарци. Во дворот, односно летната тераса на ресторанот, се наоѓа најстарата лоза во Македонија, а можеби и пошироко. Претпоставка е дека е стара најмалку 120 години, а сѐ уште е активна и раѓа грозје. Таа датира од пред изградбата на хотелот, но е сочувана како знаменитост.
Кавадарци денес се гордее со еден од најубавите паркови во Македонија, преполн со дрвја, но и со новиот градски плоштад, кој е собиралиште на кавадарчани. Простор каде што се одржуваат сите најзначајни манифестации во градот „Св. Трифун“, „Тиквешки гроздобер“ и други, а тука е и реконструираниот кеј со кој се изврши регулација на реката Луда Мара.
Познати кавадарчани: Васил Хаџиманов, Никола Бадев, Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов и Ана Темкова
Кога станува збор за познати уметници што потекнуваат од овој град, неизбежно е да се споменат музичарите Васил Хаџиманов и Никола Бадев, но и ликовните уметници Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов и Ана Темкова.
Васил Хаџиманов со групата „Тиквешани“ од Ваташа во 1939 година оди во Белград и снима грамофонска плоча, која е прва издадена плоча со песни на македонски јазик. Неговите предмети се сместени во спомен-соба во Музејот на вкусовите. Најголемата пејачка легенда, Никола Бадев, е најпрепознатливиот пејач на македонски песни на сите континенти, додека Чемерски во центарот на Кавадарци, на надворешниот ѕид на зградата што некогаш била стоковна куќа, изработил мозаик, кој прикажува македонска свадба со „Тешкото“, со зурли и тапани.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митко Јанчев: Јас слушам „Металика“, не беше мој избор да пее Цеца во Кавадарци
-
Зоран Заев во Кавадарци: Грозјето не е од татко ми или дедо ми, мора да се цени трудот на лозарите
-
Кавадарци ќе добие унифицирани такси возила
-
Македонија ќе победи: Мисајловски, Јанушев и Трајановски го придружуваа Мицкоски на чело на поворката во Кавадарци (фото)