Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, денеска ја посети текстилната фирма „Комфи Ангел“ каде што се запозна со процесот на
производство на компанијата, чиешто речиси цело производство на постелнина е за странскиот пазар.
– Задоволство ми е што сум во компанија која е една од најдобрите не само во Прилеп, туку и во Македонија зашто со 900 вработени е еден од најголемите работодавци во земјава. Очигледно со добар менаџмент, каков што е во компанијата, Македонија има сила да произведе добар производ, но и да извезе на европските пробирливи пазари – изјави Ставрески.
– Сметам дека треба и другите фабрики што повеќе да произведуваат сопствен производ, а не само лон-систем. Тоа создава поголема додатна вредност, а тоа значи поголем извоз, поголеми приходи за компанијата и за земјата – потенцира Ставрески.
Прецизира дека за зголемување на извозот многу е битно да се користат економските промотори што државата ги има во светот.
– Економските промотори се важни за зголемување на извозот на македонските производи во повеќе земји. Очекуваме да се вклучи и менаџментот на „Комфи Ангел“ зашто нивното производство е претежно за извоз. Сето тоа дава простор за оптимизам и верувам дека „Комфи Ангел“ и прилепското стопанство имаат добри перспективи – истакна Ставрески.
Посочи дека од средбата произлегоа иницијативи за развој на базната индустрија, односно предилници и ткајачници за суровини кои ќе се користат во финалниот производ.
– Државата ќе даде свој придонес за развојот на базната индустрија во земјава, неопходна за обезбедување суровини за текстилните фирми. Се договоривме дека на ниво на фелата ќе има иницијатива да ги собереме сите слични компании и од нив да произлезе идејата како да ја доразвиеме базната индустрија. Ние како држава ќе бидеме партнер во која и да е фаза во делот на осмислување на концептот, како и во помошта преку фискални или други мерки, доколку е потребно да ја поттикнеме базната индустрија или да се креираат кредитни, финансиски продукти што ќе го поддржат тоа – рече Ставрески.
Косопственикот на текстилната компанија „Комфи Ангел“, Ирена Јакимоска, ја поздрави иницијативата и подготвеноста на државата да помогне за развојот на базната индустрија, која, како што рече, е толку неопходна во процесот на производство.
Посочи дека ќе се подготви акциски план и група која ќе работи на развојот на базната индустрија во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.