| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски: Привршува ревитализацијата на хидроенергетскиот систем

pesevski
– Со вградувањето на новата технологија во ревитализацијата на седумте хидроцентрали во Македонија ќе се намалат загубите при производството и ќе се добива електрична енергија по еколошки пат – истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по посетата на ХЕЦ „Вруток“.
Таму се запозна со текот на ревитализацијата во хидроенергетскиот систем „Маврово“, во кој, како што кажа, работите се во завршна фаза.
– Владата на Република Македонија почна низа проекати на полето на енергетиката, а еден од најазначајните е проектот за ревиталицизација на седумте хидроцентрали: „Вруток“, „Равен“, „Врбен“, „Шпиље“, „Тиквеш“, „Глобочица“ и „Козајк“. Кај сите централи се преземаат зафати со употреба на најновите технологии за да се постигне поголемо производство на електрична енергија и поголема ефикасност во искористувањето на водите – рече Пешевски.
Проектот за ревитализацијата на хидроцентралите има вредоност од приближно 33 милиони евра и е финасиран 80 проценти од германската КфВ банка, а другите се директно вложување на ЕЛЕМ.
Според Пешевски, со завршувањето на проектот, Македонија ќе добие нови 20 мегавати инсталирана моќност и дополнителни 50 гигават-часови произведена електрична енергија.

Тоа, како што рече, во практика би значело користење на електрична енергија за околу 30.000 семејства.
– Значајно е што со овој проект во иднина ќе се произведува таканаречена зелена енергија. Тоа е доказ за определбите на Владата за развој на енергетиката во сите сегменити, како во базната, со зафатите во РЕК Битола, така и во хидроцентралите, за производство на енергија од обновливи извори на енергија – нагласи Пешевски.
Проектот за ревитализација на системот ХЕЦ „Маврово“ е при крај. До крајот на летото се очекува да биде вграден и последниот од четирите агрегати во ХЕЦ „Вруток“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top