
Македонија има повеќе од 200 милиони евра од туризам во земјава за 2013 година. Прогнозите се дека и во иднина овие бројки ќе се движат во прогресивна линија. Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, вели дека туризмот е стопански сегмент кој ја раздвижува целокупната економија и е двигател, но и основен столб на сегашниот и на идниот социоекономски развој и напредок на Македонија.
-Ефектите од туризмот се повеќекратни и тие се одразуваат преку пораст на девизните преливи, подобрување на платниот биланс, зголемување на новите работни места и зголемување на инвестициите. Туризмот создава мрежа низ која течат капиталот, стоките, услугите и идеите, информациите и сега луѓето се движат побрзо и полесно од кога било досега. Миграциските трендови покажуваат дека милиони луѓе секојдневно патуваат по потрага по подобри можности – вели Џамбазовски.

Според податоците на Министерството за економија, во јануари и во февруари годинава бројот на странски туристи во земјава е зголемен за 6 проценти во однос на истиот период лани. Токму од овие причини, Владата двапати ги зголеми средствата наменети за туризмот, и тоа од 75 милиони денари во 2013 година на 155 милиони денари годинава. Најголем број од овие пари ќе бидат насочени кон субвенционирање на туристичките оператори за што повеќе да донесат туристи од странство.
Изминатава 2013 година земјава ја посетиле туристи од над 50 земји од целиот свет.Според Заводот за статистика на Република Македонија, најмногу туристи дошле од Турција 68 124, Грција 46 184, Србија 38 127, Холандија 25 542,
Бугарија 20 904, Албанија 16 682, Германија 13 065, Полска 12 980, Косово 11 887, САД 9 258, Белгија 5 104, Русија 4 538, Кина 4 075, Данска 1 811, Луксембург 134.
Според поминатите ноќевања, пак, Холанѓаните се први на листата, пред Турците и Грците.
| Држава | Број на ноќевања |
| Холандија | 126 972 |
| Турција | 104 926 |
| Грција | 80 650 |
| Србија | 74 076 |
| Бугарија | 43 473 |
| Албанија | 40 671 |
| Германија | 30 335 |
| Полска | 29 990 |
| Косово | 28 113 |
| САД | 21 742 |
| Белгија | 19 747 |
| Русија | 14 221 |
| Кина | 5 745 |
| Данска | 4 143 |
| Луксембург | 500 |
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


