Колекцијата на етаблираната модна креаторка Лидија Георгиева ја доби наградата за најдобра колекција на деветтото издание на Модната недела за линијата „Допирот“. Признанието за најнадежен дизајнер го доби Оливера Штакоска, за својата дебитанска колекција „Тантела“, а за најдобра манекенка е прогласена Моника Алексовска, од модната агенција „Подиум“. Наградите ги доделува модната асоцијација и е-магазинот „Стајлист“.
Георгиева претстави спој на шари, разновидни силуети, плетиво, богатство од бои, везови, уникатни модни додатоци од метал.
Штакоска беше најголемото изненадување и освежување на ова издание нa Модната недела. Дизајнерката од Битола сосема ненаметливо ја претстави својата дебитанска колекција „Тантела“ и ја одушеви публиката со хипи-приказната во тантела, бохо-
поетичното расположение и осовременетото прикажување на ретростилови од 70-тите години.
Алексовска со своето држење, грациозен од по пистата се појави на повеќе ревии на Моден викенд – Скопје и покажа дека самоуверено владее на пистата.
Статуетката за најдобра колекција специјално ја направи архитектата и дизајнерка на накит Александра Шекутковска. Наградата за најнадежен дизајнер ја создаде Јасмина Главинче, а уникатното признание за најдобра манекенка го изработи Глигор Кузмановски.
Наградите на победниците ќе им бидат врачени в петок (11 април) во 21 часот, во скопскиот локал „Концепт 37“.
Неколку часа пред церемонијата на доделување на наградите ќе има дебата на тема „Оригинали и копии во македонската мода“, во која ќе учествуваат модни дизајнери, новинари, блогери и менаџери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.