Во пригодна атмосфера и во присуство на многу пријатели, соработници и гости, Францускиот институт во Скопје синоќа прослави 40 години плодна и успешна креативна соработка меѓу Македонија и Франција.
-Вечерва ни претставува особена чест да го одбележиме нашето 40-годишно континуирано присуство во Македонија и да ја прославиме плодната културна размена и добрите односи кои ги негуваме со вас. Досега имаме остварено бројни парнерства, проекти, фестивали и активности сакајќи што повеќе да ја доближиме француската култура и општеството на овие простори. Се надеваме дека успеавме во тоа и дека и во иднина ќе продолжиме да го надоградуваме пријателството и партнерството преку размена на културните практики на двете земји – изјави господин Жан-Ив Лавоар, директор на Францускиот инстутут во Скопје.
Францускиот институт во Скопје е еден од важните актери на македонската културна сцена. Преку филмовите, музиката, театарот, книжевните средби, дебати и бројни други активности нивното делување има цел да го претстави и доближи современото француско творештво на овие простори и да црпи повратна инспирација од нашата култура.
Доказ за успешната соработка со Македонија се бројните активности и настани кои многу брзо се најдоа на мапата на најважните културни случувања кај нас.
Во чест на 40 години постоење на оваа институтција, Универзитетот за аудиуовизуелни уметности ЕСРА во Скопје изработи специјален видеоклип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.