Како Стевчо Јакимовски му го заврти грбот на Бранко Црвенковски
Според извори на „Република“, најавата дека Јакимовски би можел да се кандидира за градоначалник на Карпош дошла уште на Извршниот одбор на СДСМ одржан на 14 февруари вечерта, кога на партискиот состанок дошло до караница во која најгласен бил Јакимовски, кој директно го нападнал лидерот Црвенковски за погрешната политика во која ја втурнал СДСМ.
Изворите на „Република“, кои се добро упатени во случувањата во најголемата опозициска партија, тврдат дека дебатата била отворена и многу остра, а на моменти дури говорниците користеле и лични навреди.
Лидерот Црвенковски бил видно вознемирен од несогласувањето на дел од присутните и притоа ги убедувал партијата да издржи уште десетина затоа што, според него, кога странскиот фактор ќе увиди дека не може да излезе на крај со СДСМ, целиот свој притисок ќе го насочи кон владејачката партија.
Изворите на „Република“ тврдат дека Јакимовски коментирал дека е тоа погрешна тактика и дека тој што го познава добро Груевски знае дека премиерот лошо реагира на притисок, при што место кооперативност, може да се јави контра-ефект, што странците досега неколку пати го согледале.
Градоначалникот на Карпош и претседател на скопската организација на СДСМ остро реагирал и на одлуката за оставка на пратениците, при што побарал и Црвенковски да се откаже од највисоката пензија во државата и да ги сподели проблемите на пратениците.
Црвенковски на тоа одговорил дека по оставките пратениците ќе добијат апанажа и цела година ќе бидат обезбедени финансиски, додека за неговата пензија рекол дека е подготвен да ја пренасочи кон партиската каса, на што Јакимовски викнал „ А од што ќе живееш, или тебе тоа ти е средено“ , алудирајќи на шпекулациите дека Црвенковски нема финансиски проблеми и дека во јавноста само глуми жртва.
Според изворите на „Република“, за целото време на караницата на Извршниот одбор на СДСМ Јакимовски имал вербална поддршка од Заев, иако струмичкиот градоначалник постојано изјавувал дека ќе ја поддржи партиската одлука каква и да е. Според Јакимовски, ваквиот развој на настаните неминовно водел до маргинализирање на партијата.
Иако на некои членови на раководството им се колнел во најблиските дека нема шанса да се кандидира, Јакимовски одлуката за тоа ја реализира на 16 февруари. Исто како и Јакимовски, и Зоран Заев бил целосно подготвен за кандидатура во случај тоа да го направат колегите во Карпош, Охрид и во Куманово, но не сакал тој да биде првиот што ќе го направи тоа.
Кандидатурата на Јакимовски предадена во 23.58 часот
Јакимовски целиот ден на 16 чекал со своите приврзаници со подготвени документи од друг политички субјект затоа што законот не дозволува тоа да го направи како независен кандидат.
Партиски извори за „Република“ тврдат дека во СДСМ во саботата попладне, дефинитивно, знаеле дека Јакимовски се подготвува за кандидатура.
Луѓето околу Црвенковски оваа информација првично ја добиле од членка на раководството на партијата, која била побарана од близок човек на Јакимовски, кој ѝ нудел да биде носителка на неговата листа. Предходните информации од неа не биле разбрани сериозно поради искуството, кое говорело дека таа често кажува невистини и манипулира со цел да си ја подигне цената во партиските кругови.
Подоцна СДСМ и од други извори бил информиран дека Јакимовски, навистина, се подготвува и тоа на нова локација, во фирма на близок пријател и член на СДСМ, кој го охрабрувал да се кандидира за градоначалник.
Доцна попладнето во саботата Црвенковски со уште триесетина членови на СДСМ , сите мажи, упаднале во канцеларијата со цел да извршат притисок врз Јакимовски. Притоа дошло до голема караница, која се заканувала да прерасне во тепачка.
Откако Јакимовски успеал да го издржи првичниот притисок и страстите биле смирени, тој заедно со Црвенковски и со десетина други лица отишол во ресторан во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, каде што дошло до нова напната дискусија.
Во трговскиот центар пристигнал и лидерот на Српската напредна партија Радиша Милетиќ, чијашто партија го кандидирала Јакимовски за градоначалник. Разговорот траел до 23.20 часот, по што Јакимовски и Милетиќ заминале.
За цело време на разговорот паѓале тешки зборови и закани од Црвенковски, при што тој, според изворите на „Република“, се заканил дека еден ден сметките ќе бидат расчистени и Јакимовски ќе го снајде судбината на Амди Бајрам. На тоа Јакимовски одговорил дека Црвенковски се бори за својот личен интерес, а на штета на партијата и на членството.
Јакимовски побарал од Црвенковски да ја напушти партијата пред членството насила да го избрка од штабот на Бихаќка. Во зовриената амтосфера, Јакимовски рекол дека не му се плаши, дека неговото време е поминато и дека Црвенковски е тој што треба да се плаши од него.
Јакимовски, како што тврдат извори на „Република“, кажал дека најголем дел од раководството на партијата е против одлуките на Црвенковски, но дека поради стравот од него не го кажуваат тоа јавно, но и дека наскоро стравот ќе помине и тој ќе мора да се соочи со бесот на членовите. Јакимовски рекол дека кога дошол во СДСМ мислел дека ВМРО-ДПМНЕ е недемократска партија, но подоцна се уверил дека СДСМ е партија на диктатор и на насилник.
Цело време додека траел разговорот, околу Црвенковски имало обезбедување, а од кога Јакимовски и Милетиќ заминале и тој го напуштил „Сити мол“ сосе обезбедувањето.
На точно две минути пред полноќ и истекот на рокот за предавање на кандидатурата, Јакимовски лично ги однел документите во оштинската изборна комисија во Карпош затоа што се плашел дека некој друг би можел да биде нападнат, врбуван или заплашуван од активисти на СДСМ.
Откако членови на Изборната комисија јавиле дека Јакимовски ја поднел кандидатурата, најжестоко реагирал Заев, кој жалел што ја пропуштил можноста да го направи истото.
Изворите на „Република“, кои изворно или преку други членови информираат за драмата во СДСМ на последниот ден од рокот за доставување кандидатура, тврдат дека Црвенковски цело време ги убедувал своите сопартијци дека мора да бидат цврсти и да издржат за да можат странците да ја завршат работата.
Неговата теза била дека тој самиот покажал доволно цврстина пред меѓународниот фактор и дека поради нивниот прагматизам тие ќе се свртат кон тој што може да попушти , според него тоа, во случајов, требало да биде ВМРО–ДПМНЕ.
Дел од нив го цитираат Црвенковски, кој велел дека ги познава добро странците, дека кај нив нема принципи, ќе удрат таму каде што е потенко. Тој сметал дека ско СДСМ се покаже како цврст орев тие ќе ја завршат работата и ВМРО–ДПМНЕ ќе мора да ги одложи изборите и да се договори со СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и народот – Има разлика!
-
Јакимовски: Не со кривични пријави, со тенкови да тргнат на мене, на 30 септември не излегуваме на гласање!
-
Црвенковски кратеше трошоци, Заев купува лимузини: Ништо од домаќинлакот на Заев!
-
Заев: Со Црвенковски се немаме слушнато за договорот со Грција за името