Првото нешто, зошто ни требаат не 59, туку 62, 63 пратеници се овие 2046 проекти да се завршат, ако можеме и нешто повеќе од тоа. Со 62 пратеника газиме на тврда даска, а не на трула даска, тоа ќе ни биде сериозен ветер во грб, истакна премиерот Никола Груевски при неговото гостување во емисијата „Јади Бурек“, одговарајќи на прашањето, зошто се потребни 63 пратеника.
Јас во моето работење во многу наврати, не сакам сега да именувам личности или партии, но луѓето треба да знаат дека се најдов во позиција да бидам уценуван за да некој закон, кој е реформски закон, помине, за кој што некој нема никаква забелешка, но вика ќе помине, ако ова, ова и ова ни го завршите. Сум губел месеци и недели во убедување да поминат некои закони, а да не направам некоја глупост, во смисла да прифатам некоја уцена од која после нема да знам како да излезам на крај, рече Груевски.
Тој нагласи дека постојат уцени поврзани со државни, национални прашања, уставни прашања, кои што исто така сака да се избегнат.
-Тоа не значи дека ние нема да соработуваме со други партии, не значи дека можеби нема да имаме некои коалициони партнери дополнителни, меѓутоа нема да бидат во можност да вршат такви уцени кои се непринципиелни, од типот, да го смениме Уставот за претседателот да не го бира народот туку да го бира ДУИ, или од типот да има двојазичност на цела територија и сите да мора да учат албански, рече Груевски.
Премиерот нагласи дека тој нема ништо против учење албански, секој човек кој знае еден јазик повеќе, тоа е богатсво за него, меѓутоа, како што нагласи, да ги тераш на сила луѓе во Струмица, Гевгелија, Кратово или Скопје да мора да учат албански јазик тоа е веќе проблем.
-Некој што има можност, капацитети и време да седне да го научи, нека си го научи, но вакви уцени, да играме мајтап со луѓето да ги тераме на 50 години да мора да учи, а не му е до учење од разни причини, болести, проблеми, такви уцени можеме да избегнеме само доколку стигнеме до 62 пратеници, изјави Груевски.
Тој потенцираше дека тие и вака ќе се борат да не дојде до такви непренципиелни работи, меѓутоа со 62 пратеника, како што подвлече, „газиме на тврда даска, а не на трула даска, тоа ќе ни биде сериозен ветер во грб“.
– Ние еднаш имавме 63 пратеника, народот виде, не направивме ниедна стратешка грешка. Некои викаат ако ви дадеме 63 пратеника ќе се опуштите, семоќни сте и така натаму. Е добро, од 2008 до 2011 имавме 63 пратеника, што лошо направивме во државата, направивме ли некому некоја штета, нема такво нешто. Напротив, проектите одеа многу побрзо, помалку уцени имаше. Тука мојот апел е најмногу до оние кои се уште се колебаат за кого да гласаат. И оние кои се размислуваат да гласаат за некоја мала партија која се бори за еден или два пратеника, а што најчесто ниеден нема да добие, а и да добие еден, тој нема да се бори за тие 20.000 луѓе кои што гласале за него. Тој прво за себе ќе гледа да добие и за тие од раководството на партијата Апелирам до тие луѓе, прво која партија во Македонија најмногу создала дела, проекти, реформи, напредок, второ, која била најмногу ревноста во отчетот и во присуство меѓу граѓаните преку трибини, рече Груевски.
Тој подвлече дека тие секоја година имамат програма за посета на над 1000 села на раководството на партијата, поделени на групи.
-Разговараме директно со селаните. Секоја година го правиме тоа, не чекаме избори да дојдат, па да разбереме што се случува таму. Држиме редовни трибини, секоја година, во секое населено место. Тоа во минатото го немало, таков ангажман, таков труд, таква отчетност, така обмислени проекти како сега ги немало. Тие луѓе треба на тоа да гледаат Можеби има некои од нив незадоволни, не им е решен личен проблем, имале некои очекувања, не им се остварил некој сон, јас тоа го разбирам и јас не сум ветил дека на сите, сите проблеми ќе им ги решам, ниту сега можам да ветам такво нешто. Тој што го ветува тоа, тој лаже, но ветувам дека ќе направиме најмногу од било која друга гарнитура, било која друга екипа што е на политичката сцена во Македонија, а тоа го поткрепувам со тоа што досега сме направиле најмногу и што имаме одличен обмислен план за наредните четири години. Тие луѓе се клучни за 62 пратеника. Некои од нив се гневни, некои од нив се лути, некои од нив се разочарани, ама кога ќе помислат која е алтернативата, како таа алтернатива работеше во минатото, што остави зад себе, мислам дека дефинитивно гласот ќе го дадат за ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски
Ние ќе продолжиме да се бориме за сите луѓе, за сите граѓани, и за Македонците, и за Албанците и за Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи, христијани муслимани, Евреи, атеисти…. за нас сите се наши граѓани, заклучи Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.